Еден од младите гласови на македонската литература, Димитар Димоски одбра #ПетАлбумиЗаПоДома.
Димоски неодамна ја објави дебитантската збирка раскази „Неми филмови“ во издание на Или-или. Покрај ангажманите на филм, учествува во неколку литературни и филмски клубови, за кои вели дека навиум немаат значаен придонес кон општеството.
За неговиот живот да не биде нереално возбудлив, го комбинира со бескрајните, здодевни натпревари од италијанскиот фудбал, кои пркосат на сите субјекти од жива и нежива природа.
Ова се #ПетАлбумиЗаПоДома на Димоски, со негов краток осврт кон музичките остварувања:
1.The National – Trouble Will Find Me (2013)
The National имаат објективно повешти реализации од овој албум, како на пример Sad Songs for Dirty Lovers или Alligator, но меланхоличноста е таа што ми е поблиска во Trouble Will Find Me. Ако смеам да направам една неумешна компарација, би рекол дека музиката на The National е како оној единствен сребрен куршум во револверот на ловецот на вампири, кој соочен со сопствената преобразба, ќе се спаси единствено ако го насочи оружјето кон себе. Може некогаш, здравје, ќе ми се пружи прилика да нарачам песна на радио.
2.David Bowie – The Rise and Fall of Ziggy Stardust and the Spiders from Mars (1972)
Зиги Стардаст е мојот поим за самоизолација уште од тинејџерските години кога во летните попладниња, после плажа, се затворав во својата соба и го слушав албумот читајќи книги. Се случуваше винампот да заработи тринаесетта плата од што се изнамачи да го врти Зиги Стардаст одново и одново. Сепак, почетокот на септември мораше да ме врати во реалноста, во која трпеливо чекав следно лето за да го повторувам циклусот.
3.George Michael – Older (1996)
Во еден MTV unplugged концерт, Џорџ Мајкл се потпира на високо столче и пее како случајно да се нашол на сретсело, па запиен, некој од мештаните му подал микрофон и сето понатаму е историја. Older ги буди сите едноставни возбуди на моето тело и ум.
4.Father John Misty – I Love You, Honeybear (2015)
Албумот што ми ја одбележа минатата декада. Голем дел од своите раскази сум ги створил под директно влијание на стиховите на Џош Тилман – загадочни, апсурдни, неконвенционални и предизвикувачки. Фала му на Бога што моето ниво на пишување не е ни блиску толку добро колку неговото, сепак различни димензии се во прашање.
5.Radiohead – OK Computer (1997)
Сега е најдобро време да се прибегне кон луцидноста на Radiohead, затоа што не постои полошо време од ова. Како што на телото му треба балансирана исхрана, така на сетилата им е неопходен OK Computer, од хаосот што го остава Paranoid Android до привидната смиреност на No Surprises. Тешко е да се рангираат остварувањата на Radiohead, но се надевам дека ќе ми биде простено што се обидов.
– – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – –
Радио МОФ ја започна рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Првичната идеја беше да дадеме смисла на времето во изолација, да го култивираме просторот со изданија што се „вртат“ по дома. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку чисто музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.
Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:
Ѕвездан Георгиевски – Петар Антевски – Сара Цветкоска – Мартина Баракоска – Сара Миленковска – Златко Ѓелески – Горан Костовски – Индог – Драган Иванов – Druggy – Катериња – Милчо Манчевски – Калиа Димитрова – Ивана Маркоска – Tōkyō de Ville – Митко Гогов – Ерина Богоева – Јасмина Јонуз – Давид Николовски – Ива Јованова – Игор Јадровски – Горјан Јовановски – Христина Ѓорѓиевска – Никола Цанев – Цене – Ана Здравкова – Тони Димитров – Тина Иванова – Медина Хоџа – Маријан Зафировски – Ариф Адеми – Стефанија Тенекеџиева – Елена Пешевска – Ивановска – Дафина Шекутковска – Михаил Караколев – Михајло Мишко Грбевски – Биљана Стојановска – Ирина Јаневска – Марко Џамбазоски – Даниел Димитров – Теа Шалдева – Едис Кесаси – Стефан Видиков – Илија Ангелоски – Гиле – Михаил Петровски – Фросина Пармаковска