Високата школа ги додели првите дипломи за додипломските студии за новинарство и за корпоративни комуникации и односи со јавноста. Интелектуалното опкружување за учење и работа, што го понуди во текот на тригодишните студии, им овозможи на студентите да стекнат сеопфатно знаење и способности и да најдат професионален ангажман по дипломирањето.
Студентите имаа можност да студираат на студиски програми креирани усогласени со меѓународните стандарди за високо образование и со барањата на приватниот и јавниот сектор. Дел од студентите имаат можност да поминат еден семестар на Универзитетот Виндесхеим од Холандија и да добијат додаток на диплома од оваа високообразована установа. На доделувањето на дипломите, беше промовирана и истражувачката едиција „Res Public“. Станува збор за заедничка едиција на Високата школа со научниот Институт за комуникациски студии, којшто го основаше за развивање на истражувања и постдипломски студии во областа на комуникациите и медиумите.