„Во моментов, винариите својот синџир на снабдување го завршуваат на конвенционален начин. Комињето евентуално се преработува во ракија, а потоа се фрла во депонија. Тоа е проблем во Македонија, за што правевме и истражувања. Малите винарии се почесто непрописно го отстрануваат комињето, па тоа најчесто завршува и во реки и канализации“, вели Софија Дацева од „Вајс груп“, победник на натпреварот „Зелени идеи“ на АРНО со идејата за преработката на комињето во адитив корисен за производи од прехрамбената индустрија.
Дацева во разговор со Радио МОФ вели дека идејата започнала да се развива од крајот на 2018 и почеток на 2019 година.
Приказната се придвижила откако добила награда за бизнис-план од Агенција за млади и спорт. Тоа била стартна позиција, поттик да направи поопсежни анализи, да се земат примероци и се лоцираат малите винарии. Така бил направен и прототипот „Вајс адитив“.
„Увидов колку голем проблем претставува комињето, кое е нус-производ при процесот на производството на вино. Тоа во голема мера останува неискористено. Од друга страна, комињето е богато со растителни влакна, антиоксиданси, витамини. Бев заинтригирана и загрижена и од фрлањето, недостаток на храна и со стапката на сиромаштија, што се случува и на глобално ниво, не само во Македонија“, раскажува Дацева.
Меѓувремено, таа завршила додипломските и магистерските студии во Англија. Често патувала на линија Македонија-Англија. Забележала дека, всушност, двете држави се соочуваат со овие проблеми.
„Па, ги поврзав двете работи. Имаме нешто многу корисно и здраво што го третираме како отпад, кое може да се пренамени во прехрамбената индустрија. Знаеме дека изобилство храна се фрла. Истовремено, сакаме да се грижиме за здравјето на граѓаните што се влошува при користење на вештачки адитиви“, вели Дацева.
Оттука, таа преку моделот на циркуларна економија ќе им помага на винариите. На почеток ќе направат специјални корпи, достават до винариите, каде се складира комињето. Така им помагаат да се справат со отпадот. На крајот го носат во „Вајс груп“ и го преработуваат.
„Така го затворам конвенционалниот синџир и го претворам во циркуларен. Иновацијата всушност се состои во самиот технолошки процес. Го преработувам на начин со кој се отстрануваат сите пестициди, а паралелно преку технолошки процес се земаат растителните влакна, оксидансите и природните обојувачи“, објаснува Дацева.
Според неа, во моментов ова не е развиено ниту на домашниот, ниту на странскиот пазар. Во Европа почнале да се појавуваат вакви природни адитиви од комиње. Меѓутоа, вели Дацева, нивниот има улога на обојувач, а „Вајс адитив“ има три карактеристики, затоа и се вика „мултифункционален адитив од комиње“.
Националните победници на АРНО добија вредносни ваучери за консултантски услуги од Асоцијацијата за менаџмент и консталтинг „МКА2000“. За првопласираната „Вајс адитив“ е обезбедена котизација за учество на меѓународен онлајн настан/обука од Фондот за иновации и технолошки развој.
Доколку би се добиле средствата од АРНО од регионалниот натпревар, вели Дацева, тоа би значело старт на процесот на производство. Смета дека ќе биде доволно за самоодржливост на компанијата.
„Меѓутоа, тоа може да расте. Има голем простор за развој. Доколку се одржи истата техника, развиен технолошки процес и машини, тоа ќе биде основа да се продолжи ваквата циркуларна економија и во други насоки – со отпадоци од други земјоделски производи што остануваат скапани и неискористени како цвекло, јаболки, морков итн. Може да се направи исто таков адитив, само ќе биде потребно време“, констатира Дацева од „Вајс груп“.
Бојан Шашевски