Проектниот простор Кино Култура, претставуван од „Локомотива“, стана член на ЕДН – Европската мрежа на танцови куќи.
За основачите на овој простор, „Локомотива“ и „Театар Навигатор“, ова е важна вест и остварување на дел од целите за интернационализација.
„Партнерот Локомотива како членка на мрежата ќе има можност да ги зајакне механизмите за застапување и залагање за постојан простор и институција која ќе го поддржува развојот на современите изведувачки уметности, како танц и перформанс, во земјата. Се надеваме дека локалните и националните власти конечно ќе ја препознаат потребата за ‘дом’, или еден одржлив простор и институција која ќе одговори на потребите на уметниците кои творат во тоа поле во земјата, а ќе помогнат овој проектен простор да прерасне во еден таков ‘дом’“, соопштуваат од „Локомотива“.
Покрај нив, како нови членки на мрежата беа прифатени и две други организации од регионот: Станица сервис за современ танц, од Белград и Дерида танцовиот центар, од Софија.
Инаку, ЕДН е мрежа за соработка и доверба помеѓу европските танцови куќи кои споделуваат заедничка визија за интернационален развој на танцовата уметност, управувана од нејзините членови преку Собранието и одборот на директори.
„Клучна мисија на мрежата е да соработува за да обезбеди одржлива иднина на танцовиот сектор и да ја подобри релевантноста на разновидните изведби во општеството. ЕДН поддржува платформа за меѓукултурна размена, развива заеднички проекти, споделува увид во, и ги доразвива нашите организации, благодарение на информациите од здруженија, работа на теми од културата за вклучување на малцинствата и поттикнува активна кампања за културно учество, промовира размена за уметнички развој, курира, презентира, копродуцира проекти итн“, велат од „Локомотива“.
Досега, членки на мрежата се и куќи од Швајцарија, Шведска, Данска, Кипар, Ирска, Словенија, Шпанија, Британија, Франција, Полска, Германија, Холандија, Шведска, Кипар…
„Со нетрпение ги очекуваме идните соработки и проекти“, потенцираат од „Локомотива“.