87 новозаразени, еден починат и пет оздравени пациенти од Ковид-19 во изминатото деноноќие

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека во последните 24 часа се потврдени 87 нови случаи на Ковид-19, односно, регистриран е 41 случај во Скопје, 16 случаи во Штип, 12 во Куманово, десет во Тетово, четири во Пробиштип, два случаи во Охрид и по еден случај во Струга и Гостивар. Институтот за јавно здравје регистрирал пет оздравени пациенти, односно по двајца во Прилеп и Тетово и еден во Скопје.

Од МЗ информираат дека на Клиниката за кардиологија починал пациент од Куманово на возраст од 74 години кој бил хоспитализиран пред 2 дена и потврден позитивен на оваа клиника.

„Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 3239, бројката на оздравени пациенти е 1658, на починати е 157, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 1424. По завршени епидемиолошки анкети, еден од позитивните случаи вчера регистриран во Охрид е од Струга“, информираат од МЗ.

Во последните 24 часа направени се 987 тестирања. Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие 80 теста се во рамките на скринингот во градинки во Скопје, а не се регистрирани позитивни резултати на Ковид-19.

На Инфективната клиника во Скопје во изминативе 24 часа се примени осум нови пациенти, а вкупно се хоспитализирани 73 пациенти. Од нив, на кислородна поддршка се 29 пациенти, а нема пациенти на механичка вентилација.

Во болницата „8-ми Септември“, пак, примени се седум нови пациенти, а вкупно хоспитализирани се вкупно 49 пациенти. Од нив, на респираторна машина се девет, a со потешка клиничка слика се уште 7 пациенти.

„Во болницата во Битола се хоспитализирани 15 пациенти, а на домашно лекување преку болницата се следат 2 пациенти. Во болницата во Штип се хоспитализирани 24 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 37 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19“, соопштуваат од МЗ.

Досега во земјава се направени вкупно 38.014 тестирања на Ковид-19.