„Да бидеме заедно, додека сме разделени“ – онлајн групна изложба на Јадро

Културно социјалниот простор Центар – Јадро од утре, 11 јуни до 18 јуни организира онлајн изложба.

Се работи за групна изложба „Да бидеме заедно, додека сме разделени“ од уметниците Иван Ивановски, Симона Манчева, Дарко Алексовски, Доротеј Нешовски, Елена Чемерска, Зорица Зафировска и Никола Узуновски.

Куратор е Јованка Попова, а координатор на проектот – Ѓорѓе Јовановиќ

„Состојбaта на криза, со сите политички и економски промени кои ги носи, го зголемува јазот и уште повеќе ги истакнува разликите меѓу различни групи и поларизирани заедници. Дури и во ‘нормални’ услови, Хито Стејерл вели дека освен ‘домашната и работата на негувателите – уметноста е индустрија со најмногу неплатена работна сила околу себе. Таа се заснова на времето и енергијата на неплатените практиканти. Бесплатната работна сила и неконтролираната експлоатација се невидливата темна материја што го овозможува функционирањето на секторот за култура’“, стои во најавата за изложбата.

Од Јадро велат дека во време на оваа ново настаната ситуација, неизвесноста во секојдневието на прекаријатните културни работници станува далеку поизразена.

„Честопати сме разочарани од немањето дослух за нашите политички барања, а надежта треба да ја најдеме единствено во фактот што се имаме едни со други. Она што не можеме да го добиеме од државата, работодавецот, синдикатот, го бараме еден кај друг. И го наоѓаме. Нашите пријателства го сменија ‘пејзажот’ и ‘мигрираа’ на интернет мрежата.Сепак, пријателството е многу повеќе од релација на социјалните медиуми. Оттука, во потрага сме по нови начини и простори кои го комбинираат институционалното и социјалното, здрави работни заедници кои се подршка во насока на соживот за решавање на реални проблеми и взаемна помош“, велат од Јадро.

Оттука, потенцираат дека нивниот нов проект насловен „Да бидеме заедно, додека сме разделени“ покани седум уметници кои ја делат состојбата на прекаријатска неизвесност.

Според Јадро, претставените дела ги адресираат скриените и не толку скриени нееднаквости во општеството и причините кои ги предизвикуваат, преку истражувања на емотивните состојби во време на криза, ограничувањето од општествените конструкти во однос на личната слобода, социјалното домување, грижата за околината и јавниот простор, експлоатација на трудот и мигрантската криза, неизвесноста од иднината, со финална цел да укажат од неопходноста од заедничко здружување и решавање на заедничките проблеми во прекаријатскиот даден контекст.

„Намерата на проектот е истовремено да апелира за конечен прекин на практиката на бесплатно искористување на уметничкиот труд и да укаже од неопходноста од платена уметничка работа. Делата се претставени виртуелно, но взаемната грижа е реална. Оттука, уште една задача што ни претстои е повторно да го откриеме значењето на солидарноста, колективна грижа и делување во заедништво“, соопштуваат од Јадро.

Проектот е реализиран со поддршка на Амбасадата на Швајцарија, Министерство за култура, Јадро – Асоцијација на независната културна сцена , ЦАЦ- Центар за современи уметности и КСП Центар-Јадро.