[Став] Запирање на емисиите на јаглерод е неопходно, но што правиме со „зафаќањето“?

Џеј Ди Фаруџиа

Науката ни сугерира дека од огромна важност е да се ограничи глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови со цел да се избегне „моментот од кој нема враќање“ заради последиците од климатската криза. За да го постигнеме ова, мораме драстично да ги намалиме емисиите на јаглерод. Сепак, широко прифатено е дека само намалувањето на емисии на јаглерод во овој момент е далеку од доволно. Климатската криза е толку алармантна што мораме да размислуваме за тоа како можеме активно да го отстрануваме јаглеродот од атмосферата. Многу внимание (и финансиски средства) одат кон решенија засновани на технологија и технолошки поправки, кои се во главно теоретски и честопати проблематични. Сепак, неодамнешните студии го истакнуваат големиот потенцијал за зафаќање на јаглеродот за обнова на екосистемите и оставање на природата да ја „заврши работата”.

Можностите за зафаќање на јаглерод (превод од carbon capture) и негово складирање или искористување растат и го привлекуваат вниманието на креаторите на политики, корпорациите и научниците. Се предлагаат различни технолошки решенија, како што се зафаќање на јаглерод и складирање (превод од Carbon Capture and Storage – CCS), при што СО2 се извлекува од изворот (чадници, оџаци, автомобили и сл.), се трансформира во течност, се транспортира со цевковод и се чува под земја во наводното долгорочно складирање. Во други сценарија, заробениот јаглерод се користи повторно на различни начини како што се на пример: вбризгување на истиот во алги и негово претворање во биогориво или пак користење на истиот за производство на бетон (преку негово калцифицирање).

Други сценарија вклучуваат садење на одредени култури (наведени како биоенергетски култури) кои го зафаќаат и складираат јаглеродот додека растат, а подоцна се користат како извор на енергија како биогориво или се користат како што индустријата го нарекува, подобрено обновување на нафта (превод од Enhanced Oil Recovery – ЕОR). Во ваков случај јаглеродот се вбризгува во резервоари со нафта под притисок со цел да излезе преостанатата нафта на површината. Ова во суштина значи дека заробениот јаглерод при ваквата постапка се користи за производство на повеќе емисии на јаглерод на долг рок.

Повеќето од овие „техно-поправки“ во голема мерка се теоретски, недокажани во доволно  широки рамки и многу се скапи. Рачно изработените решенија за складирање на јаглерод се подложени на протекување (на јаглерод) и долговечноста на нивната ефикасност е непозната. Исто така тие зависат од опасни инфраструктури како цевководи и подземни складови на гас, за чии последици од нивното постоење има голем број истражувања.

Кога јаглеродот „повторно се употребува“, како што е во случајот со производството на биогориво, го прави ова решение привремено во најдобар случај, заради краткото одложување на емисиите, но не и долготрајно. Истражувањата од Food & Water Watch откриле дека CCS може да намали само дел од емисиите од производство на електрична енергија откако ќе се земат во предвид емисиите на метан од производството на гориво. Овие технологии исто така би овозможиле или поттикнале зголемена употреба на гориво што пак ќе го влоши локалното загадување на воздухот кој е веќе еден од најголемите товари на денешнината, особено за ранливите заедници.

Слично на управувањето со сончевото зрачење (видете ја нашата статија на тема геоинженеринг), фокусирањето на технолошките решенија за зафаќање на јаглерод го одвлекува вниманието на креаторите на политики подалеку од клучната задача за декарбонизација (decarbonisation) на нашите економии. Фактот дека индустријата за фосилни горива е особено заинтересирана за ваквите техно-поправки воопшто не треба да нè изненадува.

Во реалноста, технолошките обиди за зафаќање и контрола на јаглеродот се само уште еден начин на кој ние се обидуваме да ги имитираме природните процеси. Дождовните шуми, мангровите и особено океанот, се одлични при зафаќање и складирање на јаглерод. Всушност некои решенија се фокусираат на работа со природни екосистеми со цел да се забрзаат ваквите природни процеси. Овде се мисли на големи проекти за пошумување, додавање на хемикалии во морето за да стане поалкално или фрлање на хранливи материи во океанот за да се поттикне растот на фитопланктонот кој апсорбира CO2. Овие инвазивни пристапи не се без свои недостатоци.

Пошумувањето значи засадување шуми во области што претходно не биле пошумувани. Овие „засадени шуми“ или „зелени пустини“ обично се состојат од еден вид на брзорастечки дрвја (најчесто алохтони видови кои не се дел од екосистемот на регионот или на земјата воопшто како палма, бор или еукалиптус) кои ги немаат придобивките од природните шуми и ја деградираат почвата. Истите можат да имаат и многу негативни ефекти како на пр. да ја „завземат” територијата на природните екосистеми во околните области, да направат униформноста на живеалиштето кое го градат да подржува помал биодиверизитет и да се многу поподложни на пожари. Ваквите големи насади се исто така познати по раселување на локалните и домородните заедници, па дури и доведуваат до насилство и смрт на истите при борбата за заштита на нивната земја.

Овие насади имаат многу помал потенцијал за зафаќање на јаглерод од природните шуми. За да ја извлечеме потребната количина на јаглерод од атмосферата со помош на овој метод, ќе треба да насадиме површина речиси три пати поголема од големината на Индија, како и да изградиме објект за складирање на милион тони јаглерод секоја година помеѓу 2025 до 2050 година. Така што ова е невозможно.

Океанските интервенции се во голема мерка недокажани, непрактични и скапи заради обемот потребен за нивно спроведување и можат сериозно да го нарушат балансот на веќе кревките екосистеми. Некои од минералите потребни при методите за зафаќање на јаглеродот во океанот треба да бидат добиени во големи количини, што значи  ваквите методи несомнено би довеле до зголемено рударење и уништување на животната средина и екоситемите на копно.

Да ја оставиме природата да ја заврши работата

Постои уште еден начин да се постигне зафаќање на јаглерод и истражувањата откриваат дека ова е всушност најдобриот начин. Природните живеалишта како шумите, мангровите, мочуриштата и морското дно се многу ефикасни во зафаќање и складирање на јаглерод. Студијата Глобалниот потенцијал за реставрација на дрвјата од 2019-та година открива дека природните климатски решенија односно еколошката обнова (превод од Natural Climate Solutions – NCS), може да постигнат дури 37% од намалувањето на стакленичките гасови кое е потребно за глобалното затоплување да не премине над 2 степени Целзиусови. Оваа студија не го ни вклучува зафаќањето на јаглерод од океаните кои имаат најголем потенцијал за истото, што значи дека овој процент на заробување на јаглерод преку природната обнова веројатно е уште поголем.

Истата студија идентификуваше 1,7 милијарди хектари земја низ целиот свет каде 1,2 трилиони садници на локални дрвја можат да растат природно и да создадат просперитетни екосистеми. Истражувачите намерно не ја вклучиле земјата која веќе се користи за одгледување на храна или е урбана област. Професорот Том Краутер, еден од научниците од студијата изјави за Гардијан:

„Оваа нова квантитативна проценка покажува дека обновата на шумите не е само едно од нашите решенија за климатски промени, туку е главното решение […]. Она што целосно ме фрли од колосек е големината во која ова решение преовладува. Мислев дека екосистемската обнова како решение ќе биде во првите 10, но всушност е далеку помоќна од сите предложени решенија за климатската криза“.

Мангровите можат да складираат јаглерод 40 пати побрзо по хектар отколку тропските шуми, а вегетативните крајбрежни екосистеми се проценува дека зафаќаат исто толку јаглерод на годишно ниво како од емисиите на 9,7 милијарди автомобили. Зачувувањето на дивиот свет е исто така од суштинско значење за природните климатски решенија бидејќи се обезбедува стабилност на екосистемите. Волците се хранат со тревопасни животни кои инаку би ги јаделе садниците на дрвја што ја контролираат рамнотежата на екосистемот. Носорозите јадат исушена трева што инаку би можела да биде лесно опожарена, и така натаму.

Обновата на природните живеалишта има смисла. Нивното присуство и заштита имаат бесконечни придобивки, не само за природната рамнотежа на планетата туку и за луѓето и заедниците кои живеат во хармонија со нив. Всушност, една од основните вредности на проектите за природни климатски решенија е дека тие мора да работат заедно со домородните и локалните заедници за да ги дизајнираат и имплементираат.

Можеме да заклучиме дека еколошката обнова е клучна алатка во борбата против климатската криза и против масовната криза на истребување на видови. За жал, ваквите проекти во моментов на глобално ниво добиваат само 2,5% од финансирањето што е наменето за зафаќање на јаглерод, додека остатокот од финансиите одат кон опасните, скапи и непоткрепени проекти споменати претходно, кои ги поддржуваат истите луѓе што нè имаат ставено во испреплетените кризи со кои се бориме.

Потенцијал за природни климатски решенија во Северна Македонија

И покрај малата површина, Македонија е жариште на биолошката разновидност и затоа има огромен потенцијал за природни климатски решенија во справувањето со климатската криза. Таа е дом на богати екосистеми со огромен потенцијал за зафаќање и складирање на јаглерод вклучувајќи ги и нејзините огромни шуми и мочуришта (како Струшкото блато и Белчишта) и планински тресетишта. Територијата на Македонија е домаќин на над 16.000 диви видови бактерии, лишаи, габи, мов, растенија и животни, од кои над 800 се ендемични.

За жал, овие екосистеми и нивните жители се под закана. Според ЕУ класификацијата, постојат 249 директни закани за македонскиот биодиверзитет, од кои 17 се наведени како „закани од висок приоритет“. Овие вклучуваат континуирана урбанизација, рударство на отворено, разни видови отпад и проблеми со загадување, замена на традиционалните земјоделски практики со индустриски практики, како и шумските пожари. Помеѓу 2003 и 2013 година, пожарите уништиле повеќе од 1150 км2 шума; површина повеќе од 2 пати поголема од Скопје. Алармантен број на влекачи, водоземци и растителни видови се исто така под закана. 71% од влекачите, водоземците и васкуларните растителни видови во Македонија се дел од „Црвената листа“ на Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN).

Многу од овие закани за природната разновидност на земјата се сведуваат на лоши политики и планирање (и во минатото и во сегашноста), недостаток на спроведување на постоечките политики и недоволно финансирање на ефективни мерки за зачувување. Природната обнова и зачувувањето на овие екосистеми не само што ќе го зголеми потенцијалот за зафаќање и складирање на јаглерод, туку и ќе ја подобри егзистенцијата на над половина од руралното население во земјата кое во моментот живее на деградирано земјиште. Обновата ќе олесни и голем дел од финансиското оптоварување на економијата; деградацијата на земјиштето во моментов ја чини Македонија приближно 45 милиони евра годишно според националниот извештај за МК (Investing in Land Degradation Neutrality: Making the Case). Алтернативното инвестирањето во обновување на ова земјиште може да донесе поврат од 8€ на секое инвестирано 1€.

Бројни истражувачи, писатели и активисти како на пр. Грета Тунберг и Џорџ Монбиот го промовираат пристапот за природна еколошка реставрација како помошник што треба да се спроведе заедно со итна декарбонизација на нашите индустрии. Тие потенцираат дека природните климатски решенија не можат да бидат замена за главната цел: оставањето на фосилните горива во земјата (наместо нивна екстракција) и дека дури и природните решенија ќе бидат безвредни доколку се користат како изговор за одложување на сериозни мерки за ублажување на климатската криза. Едноставно мораме да ги оддалечиме нашите индустрии подалеку од штетните и валкани (фосилни) извори на енергија, додека исто така ги обновуваме и заштитуваме нашите природни живеалишта.

Автор: Џеј Ди Фаруџиа

Превод и адаптација: Симона Гетова 

Во текот на следните неколку месеци, Климатски Набљудувач / The Climate Herald ќе објавува редовни написи поврзани со климатската криза засновани на научни истражувања и разговори со специјалисти од овие области. Наша цел е да обелоденуваме како климатскиот колапс влијае на секој аспект од нашите животи, какви решенија ни се достапни и што треба да се смени за решавање на најголемиот проблем на денешнината.

Извори

  1. The Big Bad Fix: The Case Against Climate Geoengineering
  2. Microalgae: The Potential for Carbon Capture | BioScience | Oxford Academic
  3. Carbon capture, storage and utilisation technologies: A critical analysis and comparison of their life cycle environmental impacts
  4. Averting Climate Breakdown by Restoring Ecosystems
  5. Natural climate solutions
  6. The global tree restoration potential
  7. Tree planting ‘has mind-blowing potential’ to tackle climate crisis
  8. Sucking carbon out of the air is no magic fix for the climate emergency
  9. Sorry, Fossil Fuel Industry. ‘Carbon Capture’ Isn’t A Magic Climate Cure
  10. Country Profile The former Yugoslav Republic of Macedonia: Investing in Land Degradation Neutrality: Making the Case
  11. National Biodiversity Strategy and Action Plan for the Period 2018 – 2023
  12. Red Lists: Gauging the force of nature in North Macedonia