„Модулар“ – изложба на скулптури на Ненад Тонкин

Вечерва, со почеток од 20 часот во Младинскиот културен центар ќе се отвори изложбата „Модулар“ на Ненад Тонкин.

„Идејата за „Модулар“ доаѓа од набљудување на градот и сосема спонтаната анализа на состојбата во него. При таа анализа Тонкин доаѓа до идеја да ги спои потребата за естетика во јавниот простор, како и потребата од мултифункционални јавни простори, кои ненаметливо ни нудат содржини и значења и нѐ мотивираат да го искусуваме градот во кој живееме“, вели Јана Јакимовска.

Според неа, принципот на модуларност е применет од практични причини, модуларните објекти можат да растат, да се намалуваат, да се трансформираат, а со тоа да го менуваат не само својот изглед, туку и изгледот на просторот во кој се наоѓаат. Играњето со модулите значи и менување на функциите на објектите според потребите и желбите – колку што модулите во својата моментална формација можат да ни понудат единствено визуелно доживување, тие едновремено можат да се престорат во објекти на кои може да се седи, качува, или пак да бидат засолниште за нашите бездомни четириножни сограѓани.

На изложбата ќе бидат поставени скици и макети од картон кои ќе нудат можни решенија за создавање на градски катчиња каде што е возможна интеракција на луѓето и животните со овие модуларни, скулптурално-архитектонски објекти.

Ненад Тонкин  е дипломиран вајар и сценограф на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и дипломиран професор по предучилишно воспитание на Педагошкиот факултет Св. Климент Охридски – Скопје.

Од 2014 година досега има реализирано четири самостојни ликовни изложби во Гевгелија, Кичево, Скопје и една on-line и повеќе групни изложби во Македонија, Италија, Германија, Словенија и Црна Гора. Компонирал музика за повеќе од 10 театарски претстави и работел сценографија за театар (три претстави) и филм (два краткометражни филма). Од 2013 година издава своја авторска музика како Mammoth & Yashem и досега има објавено три кратки изданија.