Професорот Петар Атанасов реагира откако Универзитетската изборна комисија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) не му ја прифати кандидатурата за ректор на претстојните избори, додавајќи дека сè што се случувало околу овој избор на ректор и преземените активности од страна на Комисијата се незаконски, нестатутарни и скандалозни.
Универзитетската изборна комисија на УКИМ ја објави официјалната листа на која се наоѓаат шест кандидати за ректор. Покрај актуелниот ректор, Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет, на изборот ќе учествуваат и професорите Јане Ацевски и Коле Василевски од Шумарскиот факултет, Драги Димитриевски од Факултетот за земјоделски науки и храна, Александар Димитров од Технолошко-металуршкиот факултет и Вујица Живковиќ од Факултетот за физичко образование.
Во одлуката на Универзитетската изборна комисија се наведува дека професорот Атанасов нема поднесено комплетна документација бидејќи не можеле да пристапат до неговата Програма за работа која била заштитена со лозинка. Атанасов, пак, тврди дека тоа е негово уставно право.
„Јас бараните документи за избор на ректор ги доставив на 8 јуни во печатена форма. И тука за Комисијата е се во ред. Но, истите документи требаше да се достават и електронски. И тоа го направив. Но, со тоа што го заштитв документот со мојата Програма. Притоа, во самата електронска порака напишав дека: Документот со мојата програма е заштитен, затоа што во овој момент не се јасни следните чекори во постапката. Во моментот кога Изборната комисија ќе соопшти како ќе продолжи постапката и ќе одлучи да ги разгледува документите, ќе ја доставам и лозинката. За ова имам цврсти докази. Од Комисијата ниту ми се јавија ниту побараа лозинка за документот. И покрај тоа што во пријавата се дадени и мојата е-маил адреса и мојот мобилен телефон. Единствената порака што ја добив од Комисијата по маил беше во неделата на 14 јуни, во 23:55 часот, со кој бараа да се изјасниме дали остануваме кандидати, без никакви други насоки, единствениот ден кога немаше вонредна состојба во целиот овој период“, се наведува во реакцијата на Атанасов.
Тој истовремено побара оставка од Универзитетската изборна комисија, поради, како што вели, сите незаконски дејствија кои се случуваа од самиот почеток на изборите за ректор.
„Потребно е нова и законска постапка, која треба да ја спроведе наредниот Сенат на УКИМ, што треба да се конституира за неколку денови (ако и ова не се саботира). Со избран претседател на Сенатот, УКИМ ќе може во духот на новиот Закон за високо образование, на достоинствен начин да спроведе натпревар единствено преку соочување на идеи и концепти за идниот развој на Универзитетот „СВ. Кирил и Методиј“. Сакам да ја известам јавноста дека во текот на вчерашниот ден, уште пред Комисијата да ме дисквалификува од овој конкурс, поднесов Претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата, во која барам сегашниот ректор, поради судир на интереси и трговија со влијанија, очигледни во многу од овие постапки, да биде дисквалификуван од овој конкурс а целата постапка да се повтори според новите законски и статутарни одредби на УКИМ. Против претседателот на Комисијата Пламен Тројачанец ќе поднесам кривична пријава и ќе побарам правна заштита“, стои во реакцијата на Атанасов.
Во документот на УКИМ, во кој е објавена официјалната листа на кандидати се наведува дека незадоволните кандидати можат да поднесат приговор до Универзитетската изборна комисија најдоцна до 19 јуни во 16 часот.
Според роковникот за избор на ректор на УКИМ по рокот за приговор на пријавените кандидати. На 23 јуни треба да се објават биографиите и програмите на кандидатите за ректор, додека на 24 јуни треба да се направи проверка на условите за реализација на изборите во услови на пандемија.
Гласањето за избор на ректор на УКИМ е предвидено да се одржи на 26-ти јуни од 12 до 14 часот на единиците на Универзитетот.