Независниот академски синдикат (НАкС) денеска упати нова претставка до Државниот просветен инспекторат. Потенцираат дека и покрај прогласената вонредна состојба на 15 јуни, Универзитетската изборна комисија на УКИМ продолжува со постапката за избор на ректор.
„Ова е спротивно на уредбата на Владата од 5 јуни со која експлицитно се наведува дека се запираат сите постапки за раководни органи и тела на високообразовните установи, односно се ставаат во мирување се до завршување на вонредната состојба“, рече на денешната прес-конференција Елена Џукеска, вд претседател на НАкС.
Според неа, ваквото брзање со процедурата и прекршувањето на уредбата се прави со цел изборите за ректор да се одржат на 26 јуни 2020.
„Тогаш завршува мандатот на Изборна комисија и актуелниот состав на Сенатот, со кој, патем, се уште нелагално претседава ректорот Јанкуловски“, забележа Џукеска.
Покрај тоа што Законoт за високо образование предвидува новиот ректор да се избере најдоцна до 15 септември и има доволно време, сепак, вели Џукеска, Изборната комисија форсира изборот да се заврши, постапката да се одвива не само во вонредна состојба, туку и за време на парламентарни избори.
„Што, исто така е една противзаконска ситуација. Поради тоа, од НАкС доставивме претставка до Инспекторатот, со која бараме да се заштити законитоста на постапката за избор на ректор на УКИМ, односно да прекине постапката. Исто така, испративме известување до Владата, за да обезбеди почитување на самата уредба“, вели Џукеска.
Од НАкС апелираа до Просветниот инспекторат да постапи по нивните претходни претставки. Од НАкС, но и од Антикорупциска комисија, веќе реагираа за постапките за избор на ректор и Сенат. Оттука, Синдикатот сега побара Инспекторатот да спроведе вонреден инспекциски надзор на УКИМ.
Актуелно е дека Универзитетската изборна комисија ја одби кандидатурата за ректор на професорот Петар Атанасов, со аргумент дека нема поднесено комплетна документација, бидејќи не можеле да пристапат до неговата Програма за работа која била заштитена со лозинка.
За Синдикатот, ваквото отфрлање е „чудно и не држи вода“.
Мимоза Ристова од НАкС смета дека програмата требало да биде заклучена и не секој треба да има пристап до интелектуалниот авторски труд.
„Ако станува збор за мејл што содржи се’, тогаш пред самите избори – сите ќе ја знаат, дури може да ја коригираат сопствената кандидатура. Значи, така се отвора поле за злоупотреби. Може да му се додаде или одземе на фајлот. Никогаш не можете да бидете безбедни од електронска гледна точка. Затоа, кандидатурите се запечатуваат електронски и се отворат кога се отвораат ковертите“, рече Ристова.
Инаку, Атанасов денес во реакција до јавноста пиша дека документите за избор на ректор ги доставил на 8 јуни во печатена форма. Но, истите требало да се достават и електронски.
„И тоа го направив. Но, со тоа што го заштитив документот со мојата Програма. Притоа, во самата електронска порака напишав дека: Документот со мојата програма е заштитен, затоа што во овој момент не се јасни следните чекори во постапката. Во моментот кога Изборната комисија ќе соопшти како ќе продолжи постапката и ќе одлучи да ги разгледува документите, ќе ја доставам и лозинката. За ова имам цврсти докази. Од Комисијата ниту ми се јавија, ниту побараа лозинка за документот“, реагираше Атанасов.
Рокот за приговори е до 19 јуни. Роковниот предвидува на 23 јуни да се објават биографиите и програмите на кандидатите, додека на 24 јуни треба да се направи проверка на условите за изборите во време на пандемија. Со вака поставени термини и услови, гласањето за ректор би се одржало на 26 јуни од 12 до 14 часот на единиците на Универзитетот.
Покрај Атанасов и актуелниот Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет, за ректор се кандидираа и професорите Јане Ацевски и Коле Василевски од Шумарскиот факултет, Драги Димитриевски од Факултетот за земјоделски науки и храна, Александар Димитров од Технолошко-металуршкиот факултет и Вујица Живковиќ од Факултетот за физичко образование.
Бојан Шашевски