Професорот Петар Атанасов соопшти дека денеска поднел приговор до изборната комисија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ откако беше дисквалификуван од трката за нов ректор. Тој најави и кривични пријави до шест членови од комисијата заради злоупотреба на службена положба и овластување, во случај да не биде вратен на кандидатската листа.
Според Атанасов, причините за отфрлањето на неговата кандитатура за ректор не се административни, а најмалку, вели тој, академски.
„Мојата елиминација од овој изборен натпревар е само кулминација на незаконското работење на ректорот Никола Јанкуловски. Мојата егзекуција од страна на универзитетската изборна комисија е само крунски доказ за тоа дека многу работи на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ не се добри“, рече тој.
„Крајно време е Државната просветна инспекција, Државната комисија за спречување на корупција, Министерството за образование и наука и владата, како и правосудните органи, да преземат чекори и да го спречат незаконското работење на ректорот Јанкуловски“, рече Атанасов, обвинувајќи го актуелниот ректор за користење „диктаторски методи“ да ја задржи својата функција.
Во Универзитетската изборна комисија членуваат професорите Пламен Тројачанец од Факултет за ветеринарна медицина, Гордана Лажетиќ од Правниот факултет, Калина Треневска Благојова од Економски факултет, Ордан Чукалиев од Земјоделски факултет, Живојин Глишиќ од Факултет за музичка уметност и Катерина Здравкова од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство. Но, во комисијата, посочи Атанасов, членува и студентски претставник за кој рече дека нема да поднесе кривична пријава доколку не се прифати неговиот приговор.
Професорот од Институтот за социолошки и политичко правни истражувања при УКИМ официјално беше дисквалификуван поради некомплетна документација. Сепак, Атанасов тврди дека регуларно ги поднел своите документи во печатена и електронска форма, а при тоа навел дека неговата програма е заштитена со лозинка и дека ќе ја направи достапна кога комисијата ќе ги разгледува документите, односно ќе заседава. Но, од него, вели тој, не било побарано да ја соопшти лозинката иако до комисијата оставил и лични контакти.
„Откако поминаа 4 дена за рокот за доставување на документи, според уредбата на владата, процедурата беше стопирана. Петтиот ден беше огласен од страна на Универзитетската изборна комисија во пет минути до полноќ во неделата, на 14 јуни. Замислете, единствениот ден меѓу две вонредни состојби, во 5 минути до полноќ, претседателот на комисијата испраќа до нас кандидатите, мејл со кој бара да ги потврдиме кандитатурите наредниот ден. Ова е сосема попгрешно и против законот и Статутот и процедурите. Комисијата не го огласи петтиот ден, според конкурсот, за отворен, ниту во два печатени медиуми, а она мало соопштение на УКИМ не е доволно“, забележува Атанасов.
Наведе три причини зошто според него оваа постапка е нерегуларна.
„Прво, тоа е прогласувањето на вонредната состојба и одлуката на владата за стопирање на процедурата за избор на ректор. Второ пандемијата, но и трето во Изборниот законик изречно стои дека во последните 60 денови од парламентарните избори не смее да се пристапи кон избирање на раководни органи, а тоа се однесува и на ректор и на декани. И ова досега, веќе 16-17 години било почитувано“, рече Атанасов.
Тој најави дека ќе направи и извештај со сите нерегуларности кој ќе го достави до амбасадите од европските држави.
Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, на денешната прес-конференција рече дека не ги знае деталите за изборот на ректор, а за сите поплаки и жалби упати кон Државниот просветен инспекторат.
„Можеби е зачудувачки министер за образование и наука да не ги знае сите детали, но тоа е најнормално. Навистина не ги знам сите детали околу изборниот процес и така треба да биде, бидејќи уживаат целосна автономија и автономно ја спроведуваат постапката, и очекувам целата постапка да се одвива или одвивала како што треба“, прокоментира Адеми, додавајќи дека нивната улога како министерство е да креираат и спроведуваат политики.
Вчера, пак, Независниот академски синдикат (НАкС) упати нова претставка до Државниот просветен инспекторат. Потенцираат дека и покрај прогласената вонредна состојба на 15 јуни, Универзитетската изборна комисија на УКИМ продолжува со постапката за избор на ректор.
Емилија Петреска