Министерството за политички системи со 0% транспарентност, покажа Индексот за активна транспарентност на институциите

Активната транспарентност на министерствата, оппштините и Владата за 2020 година бележи минимално подобрување во однос на лани, покажува новото рангирање кое го изработува Центарот за граѓански комуникации. Според Индексот за активна транспарентност, годинава институциите добиле „просечна“ оценка, односно процентот на исполнетост на обврските за проактивно објавување на информациите кај сите 98 вклучени институции изнесува 58,2 % (од можни 100 %), или само 2,2 процентни поени повеќе во однос на лани, кога изнесуваше 56 %.

Под ’активна транспарентност‘ се подразбира објавувањето информации на сопствена иницијатива на институциите, без притоа некој да има доставено до нив барање за пристап до тие информации.

Само 52 од 98-те рангирани институции ја подобриле својата активна транспарентност во 2020 година во однос на претходната година. Лани подобрување имало кај дури 86 институции.

Од Центарот за граѓански комуникации информираат дека за првпат во последните пет години откако се изработува овој индекс, едно министерство се наоѓа на врвот на табелата.

Годинава на прво место со најголема активна транспарентност е Министерството за одбрана (97,9 %), следено дури од осум општини, меѓу кои прва е Велес (94,4 %), а по неа следуваат Карпош и Крива Паланка“, покажува Индексот за активна транспарентност.

На дното на рангирањето, пак, се наоѓа Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците со резултат од 0 %. Во листата на најлоши институции во однос на транспарентноста се и општините Зелениково, Старо Нагоричане, Петровец  и Центар Жупа.

Најголемо поединечно подобрување има кај Валандово (28,6 % ) и Карпош (25, 8 %). Наспроти ова, најголема негативна промена има кај Струга (-25,2%). Владата, пак, од трето место во 2019 година, падна на 14-то место на ранг листата.

„Кај министерствата, по три години континуиран пораст, во 2020 година се забележува стагнација и дури и мало намалување на активната транспарентност. Таа годинава изнесува 77,1 %, за разлика од ланските 77,6 %. Сепак, активната транспарентност на министерствата сè уште е значително подобра од онаа на општините, која изнесува 54,5 % и по неколкугодишното намалување бележи пораст втора година по ред“, се наведува во Индексот.

Во однос на регионите, нема промена од лани. На прво место е Источниот Регион (68,3 %), додека на последно останува Скопскиот Регион (44,4 %).

И натаму најмалку информации и министерствата и општините објавуваат за финансиите, и тоа министерствата 42 %, а општините само 36% од информациите што треба да ги објавуваат.

„На барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер што им беа испратени на сите во ист ден и со исто прашање, општините одговорија во просек за 24 дена (лани за 21 ден), а министерствата за 26 дена (лани за 34 дена), иако максималниот законски рок е 20 дена. Во овој рок одговорија само 40 % од институциите, додека останатите 60 % го прекршија законот“, велат од Центарот за граѓански комуникации.

Целосниот Индекс на активна транспарентност за 2020 година е достапен на следниов ЛИНК.