Во состојба на отсуство на претседател на Сенатот на Универзитетот Св. Кирил и Методиј (УКИМ), во сегашнава ситуација ректорот во својство на претседавач со Сенатот е одговорен за законитоста и статутарноста на работењето на Сенатот, соопштуваат од Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).
Во сегашната ситуација, велат од Антикорупциска, ректорот Никола Јанкуловски се поставува во позиција самиот себе да се контролира, бидејќи согласно Законот за високо образование, ректорот ги извршува одлуките и заклучоците на Сенатот.
Истовремено, соопштува Антикорупциска, според актуелниот Статут на УКИМ, претседателот на претседателот на Сенатот, во овој случај ректорот како претседавач, е одговорен за законитоста и статутарноста на работењето на Сенатот.
Во продолжение, ви го пренесуваме во целост соопштението за јавност на ДКСК:
Затоа не случајно во Законот за високото образование е предвидено воведување на нова функција – преседател на Сенат, при што согласно член 97 став 7 од Законот за високото образование – Ректорот и проректорите се членови на Сенатот по положба, без право да учествуваат во одлучувањето и без право да бидат избрани за претседатели на сенатот. Исто така во член 150 од актуелниот Статут на УКИМ е изрично наведено дека ректорот и проректорите се без право да бидат избрани за должноста претседател на Сенатот.
Во оваа смисла, спорен е наодот на Државниот просветен инспекторат (ДПИ) дека „Ректорот има стекнато право кој го има стекнато при Изборот да преседава со Сенатот“. Имено во Известувањето на ДПИ бр. 09-602 од 18.06.2020 година до Министерот за образование и наука во врска со извршениот вонреден инспекциски надзор, меѓудругото се наведува дека со Сенатот претседава ректорот, односно дека Универзитетот се уште нема избран претседател на Сенат, а ректорт ја врши улогата на претседавач на Сенат, при што ДПИ констатира дека тоа е во согласност со член 221 став 1 од новиот Закон за високото образование (Сл. Весник на РМ бр. 82/2018) каде е предвидено дека избраниот ректор, проректор, декан, продекан, член на сенат, односно директор и заменик директор на висока стручна школа, избрани пред влегување во сила на овој закон, продолжуваат да ги вршат своите функции до истекот на времето за кое се избрани. Согласно ова, избраниот ректор продолжува да ги врши своите функции, меѓу кои и да свикува и да претседава со седниците на сенатот, како што е утврдено во член 54, став 1 алинеја 2 од стариот Закон за високото образование. Исто така во Известувањето се наведува дека во новиот Закон за високото образование, во Преодни и завршни одредби не е предвиден, односно не постои рок за избор на претседател на сенат.
Она што е спорно е фактот дека во член 54, став 1 алинеја 2 од стариот Закон за високото образование, што ги регулира надлежностите на ректорот, е наведено дека „Ректорот во рамките на раководењето со универзитетот ги свикува и претседава со седниците на сенатот“, што во ниеден случај не би можело да се поистовети со функција туку тоа била само една од неговите надлежности согласно веќе неважечкиот закон. Напротив, во новиот Закон за високото образование (член 96) и актуелниот статут на УКИМ (член 159), за прв пат се воспоставува нова функција – претседател на Универзитетскиот сенат, што само по себе не може да претставува никакво „стекнато право“ на ректорот како што е наведено во Известувањето на ДПИ до Министерот за образование и наука.
Во однос на наодот дека во Законот за високото образование од 2018 година не е даден рок за избор на претседател на Сенатот е исто така спорно бидејќи во Преодни и завршни одредби, законодавачот дал рок на усогласување на актите на високообразовните установи. Согласно член 214, (1) Постојните универзитети и единиците во нивниот состав и самостојните високообразовни установи запишани во Регистарот на високообразовните установи во Република Македонија во рок од 3 месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон ќе го усогласат своето работење, ќе ги донесат статутите и другите општи акти утврдени со овој закон. (2) Статутите и другите општи акти на високообразовните установи донесени пред стапувањето во сила на овој закон, престануваат да важат по истекот на рокот за усогласување со одредбите на овој закон рокот определен со ставот (1) на овој член. (3) До донесувањето на статутите и другите општи акти од ставот (1) на овој член, односно до истекот на рокот за нивно донесување, ќе се применуваат постојните општи акти“. Оттука, очигледно е дека постои обврската за избор на претседател на Сенатот.
2.Во Известувањето бр. 09-602 од 18.06.2020 година на Државниот просветен инспекторат, е констатирано дека и покрај распишаните избори и прогласената вонредна состојба, активностите за избор на ректор од страна на Универзитетската изборна комисја при УКИМ не се прекинати и дека тоа не е во согласност со донесената Уредба од 5 јуни 2020 година, објавена во Службен весник на РСМ бр 149 со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за високото образование за време на вонредна состојба. Известувањето и записникот за извршениот вонреден инспекциски надзор Државниот просветен инспекторат ги има доставено до Министерот за образование и наука на негово надлежно постапување согласно член 202 и член 203 од Законот за високото образование. ДКСК очекува Министерот итно да се произнесе и да постапи по наодите за прекршување на одредбите од наведената Уредба.
3.До ДКСК се доставени повеќе пријави според кои на УКИМ не е спроведена постапката за конституирање на Универзитетскиот сенат согласно член 150 од Статутот на УКИМ, пред да биде распишан огласот за избор на ректор за да може Сенатот согласно Законот за високо образование од 2018 година член 94 став 1 точка 17 и Член 97 став 61 да ја спроведе постапката за избор на Универзитетска изборна комисија. Наместо тоа, изборот на универзитетска изборна комисија е спроведен од постојниот состав на Сенатот (со помал број на членови на сенатот од научните институти), а работењето и постапувањето на изборната комисија и постапката на гласање и избор на новиот ректор ќе се спроведе согласно новиот закон и статут што доведува до неусогласеност на постапките според стариот и постојниот Закон за високо образование и Статутот на УКИМ.
4.Со самото тоа што постојниот ректор едновремено претседава со Сенатот, но исто така се јавува и како кандидат за ректор, тоа го доведува до состојба на потенцијален судир на интереси што реално може да влијае врз непристрасното преземање на дејствијата во постапката за избор на ректор и спротивставеност на личниот интерес со службените должности во услови на концентрација на надлежности. За таа цел, ДКСК ќе постапи согласно своите законски надлежности за утврдување на постоење на судир на интереси.
5.ДКСК укажува дека по завршување на вонредната состојба, веднаш започнуваат забраните предвидени во член 8а од Изборниот законик и во член 34 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, со кои се забранува „да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи“. Во однос на постапката за избор на ректор, во член 97 од Законот за високото образование се уредува дека Ректорот ја врши својата должност професионално и своите права од работен однос ги остварува според договор склучен со Сенатот, што значи дека се работи за постапка за избор односно вработување, и согласно тоа постапката ќе треба да се стави во мирување до денот на завршувањето на изборот на пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата на Република Македонија.