80-те општини и Градот Скопје во 2019 година склучиле договори за јавни набавки во вкупна вредност од околу 8 милијарди денари односно 130 милиони евра. Споредено со претходната година, вредноста на јавните набавки во 2019 година бележи пораст од 33 милиони евра односно за 33,8 %. Трите фирми со најголема вредност на јавните набавки во 2019 година се градежната компанија ЈУ-БАЈ 2 Ахмет од село Бојане, нафтениот дистрибутер Пуцко Петрол од Пласница и градежната компанија Коле-Транс Инжинеринг од Штип.
Раст на јавните набавки во Градот Скопје и 58 општини
Гледано на ниво на единиците на локалната самоуправа вредноста на јавните набавки бележи раст кај Градот Скопје и 58 општини, додека пак намалување е евидентирано кај 22 општини.
Најголем вредносен скок од седум милиони евра е забележан кај Градот Скопје (од 14 милиони евра во 2018 година на околу 21 милион евра во 2019 година), кај Тетово од 3,7 милиони евра (од 1,7 милиони евра во 2018 година на 5,4 милиони евра во 2019 година) и кај Битола од 2,8 милиони евра (од 2,2 милиони евра во 2018 година на 5 милиони евра во 2019 година). Најголеми падови во апсолутен износ пак се забележани кај Гази Баба (од 4,1 милиони евра во 2018 година на 2,2 милиони евра во 2019 година), Куманово (од 4,9 милиони евра во 2018 година на 3,1 милиони евра во 2019 година) и Струга (од 3,5 милиони евра во 2018 година на 2,2 милиони евра во 2019 година). Во релативна смисла најголеми скокови и падови во вредноста на јавните набавки во 2019 година во однос на 2018 година се забележани кај помалите општини. Притоа, со најголем процентуален скок се општините Ранковце (+409 %), Кривогаштани (+377 %) и Македонски Брод (+366 %), додека пак со најголеми падови во вредноста на тендерите се Арачиново (-96 %), Сопиште (-92 %) и Пласница (-80 %).
Вака големите скокови и падови резултираа со промени во листата на првите 10 единици на локалната самоуправа со најголема вредност на тендерите во 2019 година. Позициите во врвот (топ 10) ги задржаа Градот Скопје, Кавадарци, Прилеп , Куманово и Струмица. Во листата од 10 според вредноста на набавките во 2019 година влегоа Тетово, Битола, Липково, Штип и Аеродром, додека пак подолу на листата во однос на позициите од 2018 година се спуштија Струга, Гостивар, Гази Баба, Центар и Карпош.
Лидерската позиција според вредноста на тендерите на локално ниво Градот Скопје ја зацврсти со тоа што во 2019 година склучи 247 договори во вкупна вредност од околу 21 милион евра што е за 47 % повеќе од претходната година. Градот Скопје за јавни набавки потрошил 19,5 % од буџетот за 2019 година. Но, големиот скок во вредноста на јавните набавки на Градот Скопје е проследен со доминантно негативен тренд во останатите скопски општини. Имено, за разлика од општините Аеродром, Сарај и Шуто Оризари каде е забележан раст на јавните набавки, кај преостанатите седум скопски општи вредноста на договорите за јавни набавки во 2019 година се намалени во однос на 2018 година и тоа од 5,6 % во Ѓорче Петров до 46 % во Гази Баба.
Во листата на топ 10 единици на локалната самоуправа со најголема вредност на јавните набавки во 2019 година влегоа општини чии јавни набавки се движеа од 2,9 до 5,4 милиони евра. Поконкретно зад Градот Скопје е Општина Тетово која има склучено 48 договори за јавни набавки во вредност од 5,4 милиони евра. На трето место е Општина Битола која има склучено 160 договори во вредност од околу 5 милиони евра. Следуваат Кавадарци чии договори изнесуваат 4,7 милиони евра, Прилеп со 4,5 милиони евра, Липково со 3,3 милиони евра, Куманово со 3,1 милион евра, Штип со 3 милиони евра, Струмица со нешто под 3 милиони евра и Аеродром со 2,9 милиони евра.
Наспроти поголемите општини кои склучувале договори за јавни набавки чија вкупна вредност е и по неколку милиони евра, на дното се општини како Дојран, Пласница, Арачиново и Сопиште кои не потрошиле ниту 100 илјади евра за јавни набавки во цела 2019 година.
Сите овие податоци произлегуваат од Базата на податоци за јавните набавки на општините во 2019 година изработена од Центарот за граѓански комуникации, а која ги содржи податоците за сите 3 686 договори за јавни набавки склучени од Градот Скопје и 80-те општини. Базата е интерактивна и овозможува пребарување на тендерите по општини и по фирми, а дава и графички преглед на учеството на фирмите во набавките на секоја општина одделно. Базата содржи податоци и за уделот на набавките во буџетите на општините, како и за вредноста на набавките по жител. Базата на податоци за јавни набавки на општините е изготвена за последните пет години (2015-2019).
По жител се трошат од две до 488 евра
Половина од парите за јавни набавки во 2019 година ги потрошиле Градот Скопје и само 13 општини (Тетово, Битола, Кавадарци, Прилеп, Липково, Куманово, Штип, Струмица, Аеродром, Кичево, Илинден, Велес и Гостивар) односно колку и преостанатите 67 општини.
Во однос на јавните набавки продолжува и континуираната концентрацијата во главниот град со тоа што речиси една третина од парите се потрошени на јавни набавки од Градот Скопје и 10 скопски општини.
Исклучително големите разлики помеѓу единиците на локалната самоуправа особено се воочуваат кога вредноста на јавните набавки ќе се стави во однос на бројот на жители. Произлегува дека одредени општини како Новаци и Карбинци трошат по 488 евра односно 376 евра по жител наспроти Арачиново и Сопиште кои потрошиле по помалку од 2 евра по жител. Произлегува дека разликите меѓу општините се драстично зголемени во однос на 2018 година кога најмногу набавки по жител повторно имаше Новаци, но со 291 евро, додека најмалку имало Боговиње со 9 евра по жител.
Во 2019 година просечно, вредноста на јавните набавки по жител изнесува 3 890 денари односно 63 евра. Притоа, 35 општини имаат набавки над просечните, додека кај 45 општини вредноста на набавките е под просекот.
Ниту една од поголемите општини со над 50 илјади жители немаат вредност на тендерите која е над просечните 63 евра. Сепак, индиректно во оваа група влегуваат сите скопски општини и тоа преку тендерите од Градот Скопје. Имено, сите скопски општини имаат трошења за јавни набавки кои се движеа од 53 евра во Општина Центар до 22 евра по жител на Шуто Оризари и Чаир. Но, ако кон овие пари се додадат просечните на Градот Скопје кои изнесуваат 40 евра по жител произлегува дека сите 10 скопски општини се над локалниот просек од 63 евра по жител.
Гледано во однос на буџетите на единиците на локалната самоуправа произлегува дека просечно на јавни набавки во 2019 година се потрошени само 21 % од вкупните, консолидирани буџети. Ова секако упатува на тоа дека скромен дел од буџетските пари се инвестирани во стоки, добра и услуги кои можеле да придонесат кон подобрување на условите за живот. Гледано на ниво на општините уделот на јавните набавки во нивните буџети се движи од 0,4 % до 77 %. Најголем дел за јавни набавки од општинскиот буџет во 2019 година потрошиле општините Лозово (77 %), Карбинци (61 %) и Липково (52 %), додека пак најмал Пласница (2 %), Арачиново (1 %) и Сопиште (0,4 %).
Вредноста на набавки по жител како и уделот на вредноста на јавните набавки во општинските буџети се дел од параметрите кои можат да се видат на ниво на сите единици на локалната самоуправа во Базата на податоци за јавни набавки на општините во 2019 година.
Концентрацијата на тендерите кај одредени фирми во благ пад
Во 2019 година договорите за јавни набавки (3 686) се склучени со 1 233 фирми што е за 7,3 % помалку од бројот на фирми со кои биле склучени договорите во 2018 година. Првите 10 фирми со најголема вредност на јавните набавки имаа удел во вкупната вредност на набавките од 19 % што е за 4 процентни поени помалку од 2018 година кога изнесуваше 23 %. За споредба во 2017 година овој удел изнесувал 22 %, во 2016 година првите 10 фирми имале удел од 30 %, а во 2015 година од 29 %.
Листата од првите 10 фирми со најголема вредност на тендерите во 2019 година ја предводи друштвото за градежништво, транспорт, трговија и услуги ЈУ-БАЈ 2 Амет ДООЕЛ село Бојане Скопје, кое има склучено 8 договори во вкупна вредност од околу 4,2 милиони евра, што е за 113 % повеќе од 2018 година. Оваа градежна компанија најголемите договори ги има склучено со Град Скопје и тоа за реконструкција на неколку булевари во градот.
На второ место е нафтениот дистрибутер Пуцко Петрол со кој се склучени 39 договори и тоа со Градот Скопје и 25 општини во вкупна вредност од околу 2,7 милиони евра.
На трето место е повторно градежна компанија, Коле-Транс Инжинеринг од Штип, која остварила раст од 254 % во однос на 2018 година и склучила 29 договори во вкупна вредност од 2,6 милиони евра.
Следните места ги заземаат фирмите Градба Промет Кавадарци (2,4 милиони евра), Еуро Инвест-ИНГ Тетово (2,3 милиони евра), Жикoл Струмица (2,1 милиони евра), АС СЕЊАК Селаудин Арифи Кичево (2,1 милиони евра), Фабрика КАРПОШ Скопје (2 милиони евра), ДРИСЛА Скопје (1,9 милиони евра) и Стентон Градба Битола (1,9 милиони евра).
Гледано од аспект на бројот на склучени договори во 2019 година неприкосновено на врвот е фирмата Рики-Јуниор од Кочани со дури 67 договори. Но големиот број договори е во вкупна вредност од 155 илјади евра. На второ место е Македонски Телеком Скопје со 41 договор и Пуцко Петрол со 39 договори.
Базата на податоци за јавни набавки на општините во 2019 година содржи филтри за пребарување за сите фирми кои имаат склучено договор за јавна набавка. Прегледот овозможува да се види бројот и вредноста на договорите, како и општините со кои се склучени тие договори. Пребарувањето на општините и на фирмите овозможува да се дојде до релевантни сознанија за евентуалната концентрација на одредени фирми во тендерите на одредена единица на локалната самоуправа, што во дадени случаи може да биде последица на реални состојби на пазарот, а во други да упатува на нелојална доминација на одредени фирми. Притоа, воочливо е дека кај одредени општини доминацијата на една фирма надминува и 50 % од вкупната вредност на јавните набавки. Ваквата состојба во одредени ситуации е оправдана, но може да биде и индикатор за сериозно отсуство на конкуренција и за фаворизирање на одредена фирма.
Најголемиот договор за јавна набавка склучен од страна на единиците за локална самоуправа е на Општина Тетово со фирмата Дрисла (пред нејзиното преземање од страна на Градот Скопје) за чистење и депонирање на комуналниот отпад на локалитетот с.Фалиште во вредност од 1,9 милиони евра. Следуваат 2 договори на ЈУ-БАЈ 2 Амет ДООЕЛ со Градот Скопје и тоа едниот во вредност од 1,2 милиони евра за реконструкција и одржување на бул. „Никола Карев“ (четврта лента) и договор во вредност од 1,1 милион евра за реконструкција и одржување на „Партизански одреди“ од бул. „8-ми Септември“ до мост Обединети нации (фазна реализација). И четвртиот договор за јавна набавка по големина е склучен од Градот Скопје, но со фирмата Аполо Инженеринг Скопје во вредност од над 1 милион евра за ангажирање на специјални возила со сoларка и плуг за зимско одржување на сообраќајници на територијата на Град Скопје и набавка на индустриска сол за одржување на улици во зимски услови. Петтиот договор кој е над 1 милион евра е на Општина Штип и фирмата Тритерол Петрол Скопје за набавка на екстра лесно масло за домаќинства (ЕЛ-1) за потребите на зградата на ЕЛС, основните општински училишта, средните општински училишта и општинските детски градинки во Општина Штип.