Сагата околу изборот за нов ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ продолжува, но сега проблем се појави во Универзитетската изборна комисија. Претседателот на Комисијата како и тројца нејзини членови поднесуваат оставки.
Станува збор за професорот Пламен Тројачанец од Факултет за ветеринарна медицина, кој досега ја вршеше функцијата како претседател на Комисијата и членовите Катерина Здравкова од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Живојин Глишиќ од Факултет за музичка уметност и Петар Антевски од Универзитетското студентско собрание.
Според студентот Антевски, тој уште од првата седница на Универзитетската изборна комисија посочувал дека роковникот на оваа постапка не оди во прилог на студентите. Тој истакна дека за прв пат студентите на ваков начин ќе учествуваат во изборот на ректор и дека нивното информирање е клучно за реализација на изборите.
„Не наоѓајќи поддршка во Комисијата, сметав дека мојот влог за работата во ова тело беше излишен. Моите аргументи беа земени со потсмев и од правен аспект невалидни и неинтересни затоа што беа базирани на морал чија цел беше да им се овозможи на студентите да направат информиран избор преку претставниците на Наставно-научните совети. Се сомневам во законитоста на постапката и скандалите кои кружат деновиве околу работата на УИК ми остава простор да верувам дека на УКИМ се играат игри на повисоко ниво кои нималку не ги земаат предвид интересите на студентите, причината поради што овој Универзитет постои. Напротив, Универзитетот е игралиште на професорски ега, а мотивите одат во прилог на лични интереси на поединци“, вели Антевски за Радио МОФ.
Државниот просветен инспекторат претходно констатираше дека и покрај распишаните избори и прогласената вонредна состојба, активностите за избор на ректор од страна на Универзитетската изборна комисја при УКИМ не се прекинати и дека тоа не е во согласност со донесената Уредба од 5 јуни 2020 година. Од Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), пак, очекуваат министерот за образование и наука Арбер Адеми итно да се произнесе и да постапи по наодите за прекршување на одредбите од наведената Уредба.
Оттаму вчераа реагираа и дека ректорот Никола Јанкуловски се поставува во позиција самиот себе да се контролира, бидејќи согласно Законот за високо образование, ректорот ги извршува одлуките и заклучоците на Сенатот. Истовремено, оттаму соопштуваат дека според актуелниот Статут на УКИМ, претседателот на претседателот на Сенатот, во овој случај ректорот како претседавач, е одговорен за законитоста и статутарноста на работењето на Сенатот.
Но, проблемите со изборот за нов ректор се појавија и при доставување на кандидатурите на професорите. Универзитетската изборна комисија прво го дисквалификуваше, па по приговорот го прими назад во трка професорот Петар Атанасов од Институтот за социолошки и политичко правни истражувања. Тој првично беше отфрлен поради нецелосна документација на што тој се противеше.
Усвоен приговорот на Петар Атанасов – седум професори во трка за нов ректор на УКИМ
Според Роковникот, професорите треба да гласаат на 26 јуни.
Емилија Петреска