РЕК Битола реагира на најновиот извештај од Бенквоч и негира дека има загадување, туку смета дека проблемот настанал поради тоа што мерењата се за различни периоди. Извештајот покажа дека емисиите на прашина од РЕК Битола и РЕК Осломеј во 2019 година остануваат слични како и минатите години, но емисиите на сулфур диксид се дуплирани во споредба со 2018 година.
Од РЕК Битола преку соопштение појаснуваат и дека се во постапка за набавка на опрема за континуирано следење на емисиите.
„Разликата во податоците од мерењата на емисиите помеѓу 2018 и 2019 година се јавува поради повеќе фактори. Најпрвин, мерењето на емисиите не се одвива континуирано, туку периодично. Согласно обврските од дозволата за усогласување со оперативниот план за заштита на животната средина, АД ЕСМ и Подружница РЕК Битола се во постапка за набавка на опрема за континуирано следење на емисиите и истата се очекува да биде инсталирана до септември. Напоменуваме дека обврските за заштита на животната средина ги презеде актуелното раковдство на АД ЕСМ и РЕК Битола, иако постапката беше започната уште во 2007 година. Ние имаме искрена намера обврските за заштита на животната средина да ги ставиме во институционална рамка и новиот и ревидиран оперативен план го подготвивме во декември 2019 година.
Податоците на мерните станици за следење на загадувањето во Битола, во континуитет покажуваат концентрации на SO₂ стотина пати пониски од пропишаниот праг. Врз количеството на емисиите влијае бројот на работни часови на РЕК Битола, а во 2019 година трите блока на РЕК Битола работеа речиси секојдневно во текот на дванаесетте месеци. Зголеменото производство на електрична струја секако подразбира и зголемени емисии. Во 2018 година се вршело мерење на емисиите во дел од месеците кога термоелектраната Битола работела, а во 2019 година емисијата се мерела речиси без исклучок, секој месец. Реалните податоци, пак, за емисиите подразбираат волја на менаџерскиот тим на АД ЕСМ и РЕК Битола отворено да ги согледаат проблемите и да најдат соодветни решенија за истите. Оттаму, не станува збор за „дуплирање” на емисиите, туку за промена на начинот на нивното мерење, како и динамиката на работење на термоелектраната Битола“, стои во соопштението на РЕК Битола.
Бенквоч: РЕК Битола е најголем емитувач на сулфур диоксид во регионот