Асоцијација на ивент индустрија (ИВАП) во соопштение до медиумите вели дека денес официјално, Комисијата за заразни болести одобрила одржување на јавни настани, собирања, музички концерти.
„Оваа одлука е резултат на повеќемесечно залагање и преговарање на Асоцијацијата ИВАП, а во последните недели и неформалното здружение на Културните Промотери и иницијативата Музика-сега. Должни сме да соопштиме дека ние како Асоцијација, но и другите групи предложија протоколи за работа и според информацијата што ја добиваме од Комисијата, составен е еден официјален протокол со кој наскоро ќе биде запознаена и јавноста“, се вели во соопштението на ИВАП.
Од таму велат дека им е драго што Комисијата ја согледала нивната сериозност и одговорниот пристап кон проблемот, што, велат тие, денес било истакнато и во изјавата на министерот Венко Филипче.
„Ние остануваме одговорни компании кои се грижат за јавното здравје и ве уверуваме дека нашите настани можат да бидат безбедни за сите посетители, секако само ако сите сме одговорни и ги почитуваме протоколите. Секако апелираме и на останатите организатори на настани да се придржуваат и да ги почитуваат усвоените протоколи“, соопштуваат од ИВАП.
Најавуваат дека наскоро ќе ги објават и условите под кои ќе се одвиваат настаните.
„И како што постојано потенциравме, шоуто мора да продолжи, но секако во нови услови. Апелираме – носете маски, чувајте се и почитувајте ги мерките за заштита“, велат од ИВАП.