Moжеби МОФ не постигна големи успеси на фудбалскиот турнир за граѓански иницијативи, ама си ја заврши својата улога таму каде што треба. И тоа си ја заврши многу добро. Толку добро, што големото Министерство за образование и наука, доживеа „петарда“. Колумнава ја пишувам како лично признание за сите индивидуалци и организации кои без скриени намери застанаа на страната на учениците и професорите, впрочем главните жртви на новиот вид на тестирање – екстерното. Бидејќи сум „Мофовец“, ќе пишувам за огромната разлика во анализите на една младинска невладина организација (МОФ) и Министерството за образование и наука.
Веднаш после ваквите, ултра благо речено, скандалозни изјави, веднаш реагираа невладините организации и индивидуалци кои не се согласуваат со ваквото индиферентно однесување на дотичните структури. Најдобрата анализа ја направи Младински образовен форум, и таа беше неколкукратно подобра од анализата на МОН. Свикана беше и прес конференција на која пред медиумите беше презентирана анализата и беа дадени бројни препораки. И „вторите“ свикаа прес, ама слушнавме клише маалски муабети и нов бран на екстралажни информации.
Малку поконкретно, зошто анализата на МОФ ја „утепа“ анализата на МОН?
Бидејќи првата беше објективна, креирана со консултација на многу ученици и професори кои директно биле вклучени во процесот на тестирање, со длабоко истражување во врска со ваквите тестирања во странство, со идентификација на грешките кои МОН ги направи при спроведување на тестирањето, а втората создадена на пристрасен начин, со хиперболизирање на минималните придобивки на сметката на вистинските проблеми и последици. Поточно, втората беше обид за дефокусирање на јавноста од вистинските проблеми кои беа и тоа како присутни во текот на тестирањето, обид за маргинализирање на вистинските предизвици, а глорифицирање на минималните бенефити.
Во секој случај, мораме да признаеме дека на „вторите“ треба да им се врачи признание за успешен велеслалом меѓу толку многу реални проблеми, толку многу вистини и факти кои одат против нив, а кои со леснотија ги заобиколуваат. Секоја чест. Можеби некогаш диктаторските режими во текот на велеслаломот ќе удреле во некој таков несакан факт или проблем и ќе морале да се соочат со него, ама денес не е така. И диктаторските режими не се тоа што беа.
Е сега, можеби на некој сеуште не му е јасно зошто учениците, професорите и младинските организации ( читај МОФ ), изглегоа со бројни негативни коментари и приговори.Некои беа објективни и коментарот им беше основан на вистинско истражување, а некои беа чисто продукт на „хејтот“ помеѓу опозиционерите и владеачката структура. Секако, имаше такви партиски витези, кои не само оваа, туку и мал милион други новости, без разлика дали се добри или се лоши, успеаа да ги трансформираат во партиски поени. Ама, ајде да се осврнеме на првите, оние објективните кои ги презентираа реалните проблеми на оваа новост и да видиме кои се главните точки во анализата на МОФ. И зошто го „петардира“ МОН. Идеме:
1) Непочитување на сопствениот збор.
Дотичните „организатори“ на тестирањето си поставија свои правила, според кои наводно се раководеа во текот на остварувањето на тестирањето. Пример за тоа е: учениците ќе бидат известени 7 дена пред тестирањето. Абе ајде?! Единствено треба да не си ученик, или да не си присуствувал на распределбата на предметите за полагање, за да незнаеш дека финалната поделба беше само на 4 дена од тестирањето. Тоа беше потврдено и од страна на професорите.
Секако, според МОН ова не е вистина, бидејќи се си било под контрола, нали.
2) Проблеми со системот
Според секој присутен ученик на тестирањето, според секој професор што патролираше низ кабинетите, системот имаше огромни проблеми, системот самостојно се стопираше, а некои групи чекаа и по повеќе часови. Некои доаѓаа и следниот ден. Барем престој да обезбедеа. Е, ама тоа е според секој ученик и според секој професор. Ама тоа не е битно, кога министерот за образование ќе излезе и се тоа ќе го негира (читај ублажи) со едно апстрактно објаснување дека навистина имало мали технички проблеми, ама не е така како што сите зборат. Така е како што ние ќе кажеме. Збор!
Добро ајде, каснел системот, што има врска, се завршило како што треба. Е, тука „вторите“ примија нов „клизачи старт“. Каснењето на системот е само еден од многуте технички проблеми. Тука се и, заглавување на одговори (не можеш ништо да заокружиш, па ни на „еци-пеци-пец“), намалување на времето за решавање на тестот, неколку исти прашања, нејасни прашања со уште понејасни одговори (пр. тестовите лпо иковно, на кои имало премногу мали слики). Барем да ни дозволеа освен пенкало, дигитрон и лист, да носиме и микроскоп, да можат учениците да ги видат сликичките. Да продолжиме со прашањата од лекциите кои не се предадени, а не се предадени затоа што според програмата на МОН, тие лекции треба да бидат прескокнати. И на крајот, пак професорите криви. Секако, проблемите од овој калибар, како и мал милион други проблеми во самиот систем, се апсолутно небитни да бидат ставени на дневен ред на некоја од горенаведените структури. Ништо ново, веќе неколку години е така, не само со образованието.
3) Пробивање на тестовите
И дојдовме до третата, ама најважна точка. Дојдовме до хактивистичките активности кои ги обезбедија тестовите на секој кој ќе има желба да ги добие. Можеби и тестовите се пробиени од самите луѓе во министерството. Којзнае. Едно е сигурно, тестовите беа пробиени, голем број ученици стигнаа до истите тестови, а тоа го забележаа и самите професори.
Самите ученици признаваат дека препишувале, ама тоа не е точно. Извините дечки, лажете.
Тоа е пораката испратена од изјавата на министерот Ристовски. Тестовите не биле пробиени само според МОН и според нивната анализа. Да можеше да му расте носот на Министерстовото за секоја кажана лага, само во врска со екстерното, на секое наведнување со главата надоле ќе наоѓавме по една локација со нафта. Можеби и затоа почнаа да собираат шеици низ кабинетите. Да не имаат најдено нешто бе? A џе је поента?
Најтешкото од се е да се проголта лошото аргументирање на Министерството, дека главната поента е да се видат објективните оцени, професорите пореално да оценуваат, а учениците повеќе да си учат. Како демек ние веќе не правиме годишни тестови, учениците не полагаат матури, па еве сега малкуцка да се тестираме.Точно дека во некои држави веќе постои екстерното тестирање, ама е премногу различно од тоа што го видовме кај нас. Незнам ли дали заслужува нашето да се вика исто како и нивното. Според мое лично убедување, главната поента на екстерното е да се докаже како демек властите работат на подобрување на образованието, какои да се оправдаат парите што потонаа со потонатиот проект „компјутер за секое дете“. Како потона овој проект? Се вложија незамисливи пари во компјутери, и покрај тоа што добро го познаваа менталитетот на нашата агресивна и милитаризирана младина. Зборувам генерално, нали. Компјутерите беа тепани, врзувани со јажиња и влечени како да се домашно милениче, на нив се практикуваа различни боречки категории, беа јадени, беа крадени. Незнам што не им се случуваше. Останаа уште по некои 30, 40 трошни компјутерчиња, отворени од сите страни, каде и да допреш да се плашиш да не те удри струја.Колку и ова да е вистината во очите на тие што секој ден ги гледаат пред себе, учениците, компјутерите во очите на МОН се одлични. Брзи, средени и продуктивни. И никој неможе да им го докаже спротивното. Тие по автоматизам се во право. Гледај надоле и оп, нафта.
МОФ не го „шие“ само Министерството, туку и огромен број на организации, колеги во невладиниот сектор. Тоа е така бидејќи е единствената невладина која одвои време, состави тим и им овозможи услови за работа, за да се истражи малку повеќе овој проблем, да се повикаат професори и ученици, да се спореди системот со тој во странските држави. Ова не значи дека другите невладини спиеле, ама „мофофци“ си ја исполнија целосно улогата, на начин на кој тоа го прават големи странски великани во невладиниот сектор.
Бобан Сугарески, МОФ
Текстот е оригинално објавен на блогот на авторот.