Пишува: Лео Мирани за Гардијан
Зората на сегашната ера на дезинформациите кои се користат како оружје може прецизно да се одреди во септември 2012 година. Тоа беше моментот кога Фејсбук почна да ги фаворизира објавите на огласувачите и да им испраќа огромна количина сообраќај. Следните 12 месеци, реферирањата на Фејсбук на списанието „Тајм“ пораснаа за 208%, на „БазФид“ за 855%, на „Бличер Репорт“ за повеќе од 1.000 проценти. Интернет страниците како „Апворти“, „БазФид“, „Мик“ и нивните имитатори забележаа огромен раст преку пронаоѓање начин да му се додворат на алгоритамот. Наскоро, истото го направија и останатите – сомнителни конзервативни сајтови за вести од издавачи како „Лифтејбл Медиа“ имаа раст во 2015 година.
Дури на крајот на 2016 година, по победата на Трамп на претседателските избори, светот се свесна на неверојатната моќ која ја имаат алгоритмите на социјалните мрежи. Во меѓувреме претстои нов избор за претседател на САД, а дебатите за првичниот проблем сè уште не се решени: дали Фејсбук и другите социјални мрежи треба да имаат моќ да одлучуваат што спаѓа во прифатлив говор? Дали политичките реклами треба да бидат дозволени на социјалните мрежи? Што може да се направи околу лагите на политичарите?
Ова се погрешни прашања.
Ширењето на дезинформациите е овозможено од структурите на социјалните мрежи. Овие структури го подмачкуваат споделувањето. Тие го забрзуваат протокот на информациите и ги охрабруваат луѓето да објавуваат работи кои ќе им заработат повеќе „лајкови“, реплики и споделувања. Овие охрабрувања се користат како оружје од злонамерни страни, кои зависат од обични луѓе кои ја засилуваат нивната порака.
Без промена во дизајнот, ништо друго не е важно. Модерирањето е непрактично кога имате 3 милијарди корисници, кои зборуваат стотици јазици во десетици политички култури. Истовремено вештачката интелигенција е безнадежна. А, барања од општеството да се променат – преку кажување на луѓето да бидат повнимателни околу она што го читаат и споделуваат или ставање на факт-проверка на објавите – е како замена на пластичните сламки за да се спречи еколошката катастрофа. Да, тоа е добар пи-ар, но ефектите се толку мали што е безначајно.
Одговорот, тогаш, е да се променат самите мрежи. Но, на каков начин? Јазикот на епидемиологијата, кој стана толку познат во екот на пандемијата, нуди решение. Исто како што информациите се „вирални“, така и противотровот на дезинформациите е да се намали виралноста.
За да се направи ова соијалните мрежи треба да воспостават отпор во нивните механизми на споделување. Замислете го тоа како некаков дигитален еквивалент на социјалното дистанцирање. Во недостаток на вакцина за лек против Ковид-19, пристапот за справување со овој смртоносен вирус е да се воведат бариери на преносот – правила за физичка дистанца, домашен карантин, бариери како визири и маски за лице.
Сега применете го тоа на социјалните мрежи. Пред две години „Ватс Ап“ го ограничи бројот на луѓе на кои поединец може да препрати иста порака одеднаш. Резултатот, според студија на МИТ, е дека „80% од пораките ги снемало за два дена“. „Ватс Ап“ вели дека препраќањето севкупно е намалено за 25% како резултат на промената. Апликацијата за комуницирање оваа година продолжи понатаму со воспоставување ограничувања за пораки кои веќе се препратени многу пати. За помалку од еден месец, тоа предизвика „70% намалување на бројот на често препраќани пораки преку „Ватс Ап““.
Примерот на „Ватс Ап“ покажува како промените во структурата на мрежите можат да имаат огромно влијание. Но се работи повеќе за апликација за праќање пораки, наместо социјална мрежа. Како истата идеја би работела на другите мрежи?
Да започнеме од Фејсбук. Неговиот алгоритам би требало да ги обезвредни содржините кои се споделуваат ненормално брзо или широко, и да им даде помалку тежина на објавите со емотивни содржини. Треба да ги промени копчињата за споделување на места кои се помалку достапни. Може да внесе „поп-ап“ прозорче кое ќе ги прашува луѓето дали се сигурни дека сакаат да споделат нешто. Твитер треба да примени некои слични мерки, како на пример да го направи копчето за „ретвит“ потешко за наоѓање и да ги напушти „темите во тренд“ (trending topics). Почетната страница на Инстаграм нема функција за споделување, па останува најчесто заштитена од „виралност“. Но, Инстаграм сториите воведоа лесно споделување и, всушност, станаа цевка за политика и дезинформации. Отстранувањето на можноста за споделување на Инстаграм сториите ќе помогне. Јутјуб треба да се осигура дека се вклучени поголем избор на содржини во нивните „препораки“. Во моментов само нуди повеќе и поекстремни верзии од она што веќе го гледате. Нивото на „виралноста“ на секоја мрежа не мора да биде ниска како казна, или пак зацементирана. Но, мора да биде регулирана од нешто повеќе отколку барањата за кварталните резултати на компанијата.
Очигледен контра аргумент на овие предлози се дека бавно би се ширеле и важните информации. Но, тоа не е многу различно од сегашната ситуација. Со многу малку исклучоци, „добрите“ информации секогаш се побавни за ширење отколку лошите, затоа што ретко се направени со емоционалните закачалки и поттикнувачи на бес.
Вакви структурни промени имаат можност да бидат фер за сите видови информации: група на триесет и нешто годишни белци од Силиконската Долина не одлучува кој и што кажува, или пак што е прифатлив говор. Тие не го ограничуваат протокот на информации. Тие само го успоруваат.
Ова решение не нуди што да се прави со твитовите на Трамп, бидејќи нема намера за такво нешто. 2.999.999.999 други луѓе низ светот исто така ги користат американските социјални мрежи. Подобро е за социјалните мрежи да воспостават ваква промена, отколку да се соочуваат со чудни и несоодветни закони кои им се наметнати врз нив во секоја од земјите каде тие ги нудат своите услуги.
Овие промени не значат ниту дека социјалните мрежи треба да го напуштат напорот за модерирање. Напротив, мерките за дигитална-дистанца можат да помогнат да се израмни кривата на дезинформациите, помагајќи сомнителните работи да се држат на нивото на капацитетот на модераторските тимови. Начинот на кој модераторите работат е тема за друга дискусија.
Точно е дека „Ватс Ап“ нема реклами и не заработува пари, а со тоа можат и да го намалат споделувањето без да си наштетат себеси. Ова не е случај кога се работи за Фејсбук, Твитер, Јутјуб и Инстаграм. Сигурно е дека ваквите промени ќе доведат до пад на интеракциите и до намалување на нивните заработки. Но, и тука, можеме многу да научиме од актуелната ситуација. Карантините и дистанцирањето имаат сериозни економски последици. Ние, како општество, прифативме дека тоа е цената која вреди да се плати. За доброто на општествата на кои им служат и за нивното долгорочно здравје, социјалните мрежи треба да го сторат истото.
*Лео Мирани е дописник за Економист.
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.