[Обновено] Нападнат ЛГБТ Центарот за поддршка, повреден е полицаец!

архивска фотографија

Околу 40 маскирани лица вечерва го нападнале ЛГБТ Центарот за поддршка во Старата скопска чаршија а  при нападот е повреден и еден полицаец,  дознава Радио МОФ.

Нападот се случил на почетокот на „Неделата на гордоста“ која започна вечерва во 18:00 часот со проекција на филмови во ЛГБТ Центарот за поддршка.

Од Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници и ЛГБТ Јунајтед, организациите кои го организираат настанот, потврдуваат дека десетици маскирани лица со камења и шишиња го нападнале Центарот. Според нашите информации, настанала турканица во која полесно е повредена директорката на Хелсиншкиот комитет Уранија Пировска,

Портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Борче Пешевски за Радио МОФ потврди дека во инцидентот бил повреден еден припадник на полицијата и додаде дека МВР е во потрага по сторителите.

Инаку, за денеска беше најавена „Контра геј парада“, таа не се одржа бидејќи на закажаната средба се појавиле само десетина тинејџери. Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници и Хелсиншкиот комитет поднесоа кривична пријава против анонимните организатори на овој настан.

Дел од медиумите попладнево објавија дека групата тинејџери која се појавила на неуспешната „Контра геј парада“, потоа се упатила кон плоштадот и кај споменикот на Цар Самоил претепала малолетник.

К.О.