Додека студентите се дома, друг „роварел“ по нивните работи – кражби во студентскиот „Стив Наумов“

Студенти, станари во студентските домови „Стив Наумов“ периодов биле мета на кражби. Додека студентите седат дома поради пандемијата на коронавирусот, а домовите се затворени, некој успеал да „ровари“ по нивните лични работи.

Во јавната Фејсбук група наменета за студентите од „Стив Наумов“, наидовме на постови и коментари од студенти кои се жалат на украдена облека и лични предмети. Тие бараат одговорност и поголема безбедност.

„Некој се дрзнал да краде “банални работи”, а што правиме кога би оставиле некои вредни работи (лаптоп и слично)“, напиша студентката С.М. од Битола во отворената група. Таа вели дека заедно со нејзината цимерка имале штета од околу 15 илјади денари.

Претседателот на станарите од „Стив Наумов“, Кирил Манасиев, е запознаен со ситуацијата. Тој заедно со директорот на Државниот студентски центар – ДСД, Дарио Николовски и оштетени студенти денеска онлајн се состанаа.

Тие одлучија сите на кои нешто им било украдено да ја наведат вредноста на украдените предмети и тој список ќе биде доставен до управата на ДСД. Според Манасиев, најавени се и внатрешни контроли во домот.

Од Министерството за внатрешни работи ги потврдија ваквите случаи и велат дека работат на нивно расчистување.

Според електронскиот билтен на СВР Скопје, од почетокот на 2020, заклучно до 1 јули, се регистрирани вкупно 7 кражби во студентските домови: „Стив Наумов“ (5), „Гоце Делчев“ (1) и „Пелагонија“ (1). Во 2019, пак, полицијата севкупно регистрирала 8 кражби, 1 разбојништво и 1 тешка кражба во обид.

Извор: Електронски билтен на СВР Скопје

Проблемот со кражби во студентските домови не е е нов. Радио МОФ уште пред неколку години пишуваше на оваа тема кога студенти ги криеја своите вредни предмети под перница, или пак воопшто не ги носеа со себе во домот за да не им ги украдат. Една од причините поради кои студентите велеа дека се чувствуваат несигурно се старите врати на собите во некои од студентските домови, кои без многу сила можат да бидат обиени. Други пак, сметаа дека двајца портири на една зграда не е гаранција за безбедност.

Според Борјан Ефтимов, студентскиот лидер од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, решението е едноставно – повеќе обезбедување и видео надзор на студентските домови. Тој смета дека ова се последици на долгогодишно занемарување на студентите и образованието од приоритетите на власта, па така и сега во оваа ситуација. Ефтимов не е изненаден што студентите се оштетени.

Според него, државата во иднина мора да инвестира во студентите, образованието и во студентските домови за како што посочи, да не се случуваат вакви настани, но и да имаат услови за живеење, а не преживување и борба за егзистенција.

„Мораме да имаме нов Закон за младински стандард на местото на досегашниот Закон за студентски стандард со кој ќе се овозможи формално правно државата да издвојува повеќе средства за студентските домови бидејќи моментално средствата кои ги издвојува државата, според Законот, не може да бидат поголеми од средствата кои ги плаќа студентот, па така државата издвојува сума еквивалента на сумата која ја плаќа еден студент во студентски дом. Со носење на нов закон и бришење на ова ограничување, ќе има основа за вршење н притисоци за државата да издвојува повеќе финансии за студентските домови, за потоа тие да се реновираат и да се опремат соодветно“, вели тој.

Денеска беше последниот рок за студентите да си ги соберат своите лични работи од собите во домовите каде биле сместени.

Емилија Петреска