Со симулација на улога на „уредници“, ученици од гимназијата „Геогри Димитров“ во Скопје изминативе месеци имаа можност да дознаат како функционира една редакција во 21виот век. Младите добија можност критички да размислуваат и расудуваат, да разликуваат факт од мислење и да препознаваат видови пропаганда.
Тие првично учествуваа на работилници и предавање наменети за развивање на медиумската писменост, што се одржаа во текот на месеците февруари, март, април и мај, организирани од Здружението Киматика. На нив, придржувани од истражувачки новинар, се запознаа со значењето на медиумската писменост, функционирањето на социјалните медиуми и улогата на медиумите воопшто.
„Во нашето медиумско-заситено општество, граѓаните постојано се судираат со напливот на информации, а се почесто дезинформации. Дигиталните медиуми, вклучувајќи ги тука мобилните технологии, веќе-распространетиот Интернет и екплозијата на социјалните мрежи, го трансформираа начинот на кој јавноста прима, процесира и создава вести. Медиумската писменост, а критичко-аналитичкото размислување особено претставува есенцијална вештина во новиот хипер-дигитален свет“, велат од Киматика.
Активностите се дел од проектот „Училница.ком“, со кои Мултиетничката организација „Мозаик -м“ и Здружението Киматика сакале да го зголемат интересот за медиумската писменост, да развијат критичко-аналитичко размислување и да ја подигнат свеста за влијанието на информациите врз целокупниот психо-социјален живот на младите.
„За време на работилниците учениците и анкетите од фокус групите ни потврдија дека ниската застапеност на темите од медиумската писменост во некои од наставните предмети понатаму се рефлектира како низок степен на отпорност кон феномените на „лажни-вести“, како што и потврдуваат и годишните анализи на Индексот за медиумска писменост во Европа рангирајќи ја нашата земја на ниско ниво“, сметаат од Киматика.
Покрај едукативните неформални содржини, учениците имаа шанса да добијат увид во работењето и функционирањето на еден истражувачки медиум – ПРИЗМА, интернет страница поддржана од БИРН Македонија.
Улогата на медиумската писменост
Здружението на граѓани за промовирање на Современи образовни процеси во соработка со Mosaic – Мозаик, а во рамки на проектот “Училница.ком” изработи видео на тема Медиумска писменост.Преку развивањето на критичко-аналитичкото размислување и адаптирањето во ерата на дигитални медиуми се подигнува свеста за влијанието на информациите врз целокупниот психо-социјален живот на граѓаните, а со тоа се намалуваат можностите од спин, пропаганда и пласирање дезинформации во медиумскиот простор.„Секој ден на медиумите и на социјалните мрежи се oбјавуваат информации кои публиката нема време и навика да ги проверува.Тоа остава простор читателите и гледачите лесно да влезат во замката на дезинформациите или популарно наречените лажни вести, односно да поверуваат во нешто што не е вистина.Затоа освен традиционалната писменост, особено за младите, потребна е и медиумската писменост, која ќе им пренесе вештини и техники за да ги откријат неточните или штетни информации.“Наратор: Vasko Magleshov Музика: https://www.bensound.com„Оваа активност е поддржана преку ре-грантирање на регионалниот проект Медиумите за граѓаните – граѓаните за медиумите, проект во кој учествуваат неколку организации за развој на медиумите (Фондацијата „Медиацентар“, Албанскиот институт за медиуми, Македонскиот институт за Медиуми, Црногорскиот институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировниот институт, СЕЕНПМ) од Западен Балкансо со цел градење на капацитетите на граѓанските организации во регионот во насока на унапредување на медиумската и информатичката писменост (МИП), а со финансиска поддршка од Европската Унија.“
Posted by Современи образовни процеси – Киматика / Contemporary education – Cymatics on Tuesday, 16 June 2020
„Она што претставува предизвик во иднина е подобрување на критичкото разбирање за медиумите преку неформални едукативни активности помеѓу граѓаните како би можеле да донесат информирана одлука за селекција и користење на содржините, препознавање на различни типови медиумски содржини и оценување на вистинитоста, веродостојноста и вредноста како и препознавање и справување со онлајн – безбедноста“, велат од Киматика.
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.