Министерството за здравство (МЗ) информира дека во последните 24 часа се регистрирани 205 нови случаи на Kовид-19, или рекордна бројка на дневни случаи со коронавирусот во земјата, откако на 23 март имаше 201 нов случај.
Починати се 6 лица, од кои четири пациенти од Скопје и два од Гостивар, а оздравеле 336 пациенти.
„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починаа тројца пациенти на возраст од 62, 68 и 94 години. Во ГОБ „8 септември“ починати се двајца пациенти на возраст од 65 и 70 години. Во ОБ Гостивар е почината пациентка на возраст 80 години“, информираат од МЗ.
Од новорегистрираните, во Скопје има 60 нови заболени со Ковид-19, Свети Николе 29, Гостивар 23, Дебар 17, Куманово и Тетово по 13, Струга 12, Штип 10, Кичево 7, Велес и Ресен и Битола по 3 нови случаи, Прилеп, Пробиштип и Демир Хисар по два новозаразени, додека Охрид, Кавадарци, Струмица, Крушево, Македонски Брод и Берово имаат по 1 нов регистриран случај на коронавирус.
Вкупната бројка на Ковид дијагностицирани во земјата од почетокот на епидемијата изнесува 7777, бројката на оздравени пациенти е 3960, на починати е 368, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3449.
„На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се 5 пациенти. Вкупно се хоспитализирани 92 пациенти. На кислородна поддршка се 59 пациенти, нема пациенти на респираторна машина. Во болницата во Козле се хоспитализирани 19 возрасни пациенти позитивни на ковид-19, 2 деца позитивни и 1 суспектно на вирусот. Во ГОБ „8 Септември“ примени се 11 нови, вкупно хоспитализирани се 96 пациенти. На респираторна машина се 4 пациенти. Во болницата во Битола се хоспитализирани 41, а во болницата во Штип се хоспитализирани 46 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар и Струмица се хоспитализирани 112 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19“, информираат од МЗ.
Во изминатото деноноќие биле направени 1728 теста, а досега во земјата се направени вкупно 74.562 тестирања. Денеска нема тестирања во рамките на скринингот, велат од МЗ.