По повод вчерашните објавени резултати од екстерното тестирање за учениците во основните училишта од четврто до седмо одделение, Младински образовен форум (МОФ) ги потсетува основците и нивните родители за можностите кои им се на располагање доколку се незадоволни од добиените резултати од екстерното оценување кое се спроведуваше изминатиов месец.
МОФ потсетува на законската можност за поднесување пригово, која им е на располагање на учениците и нивните родители кои сметаат дека биле обесправени во оценувањето. Со поднесување на овој приговор ќе може да се изврши увид во тестот, со што доколку приговорот е основан и би можело да се интервенира во неговата оценка.
МОФ ги повикува учениците и родителите да ги доставуваат приговорите до Училишната испитна комисија и до Државниот испитен центар, без разлика дали тие се однесуваат на оценката од екстерното тестирање или на нерегуларности и технички пропусти при спроведувањето на тестирањето.
Постапката за поднесување на приговор, како и предлог формулар за приговор, можете да најдете на следниов линк.
Екстерното тестирање кај учениците од основните и средните училишта беше проследено со бројни нерегуларности од законски и технички карактер за кои Младински образовен форум во јавноста презентираше анализа и препораки до надлежните институции и побара оваа година тестирањето да се прогласи за пробно.
Повторно го повикуваме Министерството за образование и наука да не ги игнорира законските и техничките проблеми кои ја следеа реализацијата на екстерното тестирање оваа година и да го прогласи ова тестирање за пробно. Со ваквата одлука, при такви законски и технички пропусти нема да бидат оштетени ниту учениците, ниту професорите, а надлежните ќе имаат можност во периодот кој следи извршат корекции и унапредување на поставените цели, системот на спроведување и техничките ресурси, со цел да се подобри образовниот процес и да се унапредат знаењата и перформансите кај учениците, односно професорите.