„Граѓаните да помислат за иднината на сопствените деца“, најава за протест поради депонијата Русино

„Граѓаните да помислат за иднината на сопствените деца, ако не мислат за нив“, ова е пораката на граѓанскиот активист Десо Матески кој е еден од организаторите на утрешниот протест во Гостивар поради депонијата Русино, кој е закажан за од 18 часот.

Матески вели дека депонијата секојдневно гори и дека тоа е многу штетно за околината и здравјето на луѓето, а во однос на тоа дали се пали и што се случува во неа, вели дека треба да открие Инспекторатот.

Количината на ѓубре која се пали, вели дека е огромна, а според неговите информации, тоа е депонија за вкупно девет општини, од кои шест тетовски и три гостиварски.

Според Матески, решението за овој проблем е нејзина дислокација.

Една од многуте фотографиите кои секојдневно се објавуваат во Фејсбук групата „Стоп Русино депонија – Чист воздух за Гостивар“

„Не е тоа место за тоа, тоа е планина на 1.000 метри надморска височина, а ти носиш ѓубре. Од каде тоа, подземни води после се напојуваат, Бањичко Поле, познатиот бањички кромид, патлиџани, таму сеат земјоделците, работат…се е уништено…“, вели Матески за Радио МОФ.

Како што објаснува Матески, депонијата во Русино не е единствена, туку дека во околината има и други, односно, уште четири депонии.

„Апелираме до Државниот инспекторат за животна средина да излезе на терен, зашто спијат. Државните инспектори во Гостивар спијат во канцеларија, не излегуваат. Имаме проблем, никој, ни држава, ни општина, сите си префрлаат топка, едни на други“, потенцираше Матески.

Како што е најавено, протестот ќе биде организиран со автомобили поради состојбата со коронавирусот, односно, ќе започне на локацијата од новиот мост во населбата Дутлок, кон судот, па ќе продолжи кон Општината.

Незадоволството од депонијата Русино, на почетокот на месецов го изразија и од граѓанската иницијатива „Стоп Русино – чист воздух во Гостивар“ кои организираа протестно дефиле, со што испратија порака до институциите да најдат решение за ваквиот проблемот.