Според нов извештај кој излезе во соработка помеѓу УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци и Центарот за мешани миграции (ММЦ) при Данскиот совет за бегалци, илјадници бегалци и мигранти умираат, додека многумина се соочуваат со екстремни кршења и злоупотреби на човековите права за време на нерегуларните патувања помеѓу Западна и Источна Африка и африканскиот средоземен брег.
Извештајот насловен „На ова патување, никој не се грижи дали ќе преживееш или ќе умреш – Злоупотреба, заштита и правда на рутите помеѓу Источна и Западна Африка и африканскиот средоземен брег“, зборува како повеќето лица кои тргнале по овие рути се жртви или сведоци на невидена бруталност и нечовечност од страна на криумчари, трговци со луѓе и паравојници, а во некои случаи и државни службеници.
„Предолго веќе страшните злоупотреби врз бегалците и мигрантите на овие копнени рути остануваат главно невидливи“, изјави Високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди. „Овој извештај ги документира убивањата и бруталното широко распространето насилство насочено кон очајни луѓе кои бегаат од војни, насилство и прогон. Потребно е силно водство и координирани активности од страна на државите во регионот, кои со поддршка на меѓународната заедница ќе ја прекинат оваа суровост, ќе ги заштитат жртвите и ќе ги обвинат одговорните за криминалот“.
Претставништвото на УНХЦР во Скопје е исто така загрижено околу бројот на смртни случаи на територијата на Северна Македонија: во 2019 година беа документирани 9, а оваа година досега се бројат уште 7 жртви на овие сурови патишта.
На 30 јули, Светскиот ден против трговијата со луѓе, повикуваме на зајакната заштита на луѓето кои се движат во потрага по безбедност.
Според детали од Извештајот, собирањето точни податоци за смртните случаи во контекстот на нерегуларни мешани движења кои се во контрола на трговците и криумчарите на луѓе е неверојатно тешко бидејќи многу од нив се случуваат во сенка, далеку од погледите на властите и нивните формални системи за менаџирање на податоците и статистиките.
Сепак, резултатите на извештајот кој се темели на програмата за собирање на податоци на ММЦ, како и податоци од дополнителни извори, велат дека најмалку 1.750 лица загинале на овие патувања во 2018 и 2019 година.
„Ова укажува на најмалку 72 смртни случаи месечно, што ја прави оваа рута една од најсмртоносните бегалски и мигрантски рути во светот. Овие смртни случаи се згора на илјадниците кои починале или исчезнале последниве години во обидите за очајнички патувања преку Средоземното Море до Европа, откако стасале до северниот африкански брег“, се вели во извештајот.
Целиот извештај може да се најде тука.