Владите имаат право од оправдани причини да ги ограничат протестите во интерес на јавното здравје, соопшти Комитетот за човекови права на Обединетите Нации, во време кога активностите на движењето „Црните животи се важни“ и на други се во спротивност со мерките за борба против пандемијата на коронавирусот, пренесува хрватски „Индекс“.
Новиот документ поставува упатства за протестите во време на пандемија и бара од државите да наведат непобитни причини за ограничување на собирите, се вели во истиот.
Комитетот даде и правно толкување со оглед на тоа што пред појавата на пандемијата постоеше дупка во меѓународните регулативи. Меѓународниот пакт за граѓански и политички права кој го потпишале 173 земји, вклучувајќи ги САД и Кина, дозволуваше ограничување на правото на мирен собир во случај на опасност по јавното здравје, а новиот документ тоа и го потврдува.
„Заштитата од јавноздравствени причини може исклучително да дозволи ограничувања, на пример во случај на заразна болест, кога собирот е опасен“, се наведува во документот.
Сепак, авторот Кристоф Хејнс направи извонреден напор да потенцира дека овие причини не треба да се користат за неоправдано ограничување на демонстрациите.
„Таа причина за ограничување не треба да се злоупотребува како изговор за замолчување на протестите и опозицијата“, додаде тој.
Според него, владите би можеле на тој начин да го ограничат бројот на демонстранти на јавно место и на тој начин да дозволат одржување на физичка дистанца.
Во резимето се вели дека државите имаат обврска „да не забрануваат, ограничуваат, блокираат или нарушуваат собири без оправдани причини“. Правното толкување „поставува прописи не само за демонстрантите, туку и за полицијата“, вели Хејнс.