[Став] Двојните политички стандарди против КОВИД-19 во Хрватска

Tina Hrubi 200x250

Пишува: Тина Хруби

Во Хрватска, на 5 јули 2020 година, во екот на пандемијатана новиот коронавирус, се одржаа парламентарни избори. Иако гласачите беа охрабрени да излезат на гласање, излезноста никогаш не била пониска. Она што особено го привлече вниманието на граѓаните од страна на политичарите во текот на изборната ноќ беше кршењето на епидемиолошките мерки, истите оние кои што безмилосно им се наметнуваат.

Република Хрватска во моментот кога се пишуваше оваа статија (27 јули) имаше 806 активни случаи, односно постоечки тековни заболени лица. Од нив, 138 лица се на болничко лекување, со 9 пациенти на респираторна поддршка. Во изминатите 24 часа, регистрирани се 24 нови случаи од вкупно 831 тестирани лица. Досега се опоравиле вкупно 3.936 лица, а 139 лица починале, што претставува вкупно 4.881 случаи на инфекција. Република Хрватска има доволен капацитет да ги смести болните и да се справи со епидемијата, но влијанието на епидемијата врз економијата е големо, со последици како што се намалувањето на платите и отпуштањата на работната сила. Дури и сега, за време на туристичката сезона, евидентиран е помал број на туристи, што е исто така една од лошите последици за економијата, бидејќи многу луѓе во Хрватска живеат од вршење на туристички дејности.

На почетокот на пандемијата на новиот коронавирус, или кон крајот на март, Универзитетот Оксфорд ја прогласи Хрватска за држава со најстроги ограничувања и мерки за намалување на инфекцијата во однос на бројот на заразени во Европа. Анкетата во Оксфорд разгледуваше 11 категории: датумот на затворање на образовните институции, воведувањето на ограничувања за разни бизниси, откажувањето на јавни настани, укинувањето на јавниот превоз, информативната кампања за граѓаните, ограничувањата на движењето внатре во земјата, меѓународните контроли на сообраќајот, фискалните и монетарни мерки, инвестициите во здравјето и во развојот на вакцини. Во тоа време, Хрватска броеше 495 потврдени инфекции и два смртни случаи. Откако сите образовни институции (градинки, основни и средни училишта и факултети) беа затворени на 16 март, дојде до целосен lockdown/затворање со слоганот #oстанидома.

На седницата на Владата на Република Хрватска, на 23 април, премиерот Андреј Пленковиќ (ХДЗ) го претстави планот за ублажување на мерките за враќање на нормалните животи и деловни околности до одреден степен. Олеснувањето на мерките го претвори слоганот #ОстаниДома во #ДаОстанемеОдговорни, и се одвиваше во три фази – 27 април, 4 мај и 11 мај. Така, наскоро се врати јавниот превоз, беа укинати потребните пропусници за преминување во друг град, беа отворени продавниците и трговските центри, библиотеките, музеите, здравствените установи, фризерските салони и козметичките салони за убавина, како и угостителските објекти, а веќе на 20 мај Претседателот на Република Хрватска Зоран Милановиќ ја донесе Одлуката за распишување на избори за избор на пратеници во хрватскиот парламент, коишто ќе се одржaт на 5 јули.

Предвремени избори и попуштање на мерките

Еден од кандидатите, лидерот на движењето „Домашна земја“, Мирослав Шкоро, коментираше за предвремените избори при што го повика директорот на Хрватскиот институт за јавно здравје, Крунослав Чапак, да му порача на премиерот Пленковиќ од неговата самоизолација дека и тој би требало да биде во самоизолација затоа што сите граѓани треба да бидат третирани подеднакво. Тој алудираше на настанот на кој премиерот присуствуваше неколку дена порано, на 20 јуни – турнејата Адрија во Задар, на која присуствуваше бугарскиот тенисер Григор Димитров кој дојде заразен со коронавирусот и ги зарази другите, вклучувајќи го и тенисерот Новак Ѓoковиќ, кого премиерот го потапка по рамото. Премиерот поради тоа, за разлика од другите кои беа во контакт со него, а потоа беа изолирани, не сакаше да оди во самоизолација. Дури и тогаш, почна да се зборува за двојни стандарди и нееднакво придржување кон мерките од страна на политичарите и обичните граѓани.

Следниот ден во емисијата Соочувања во живо на РТЛ Избори 2020, Златко Комадина (СДП), Никола Грмоја (Мост), Томислав Томашевиќ (Можеме!) Стјепо Бартулица (Домовински покрет) исто така ја осудуваа одлуката на владеачката (ХДЗ) за датумот на изборите и попуштањето на мерките пред избори, потоа премиерот за одбивање на самоизолацијата по остварениот контакт со заразениот Ѓoковиќ, додека Давор Божиновиќ (ХДЗ) застана во одбрана на премиерот, како и за датумот на изборите, повикувајќи се на мислењата на експертите.

Истиот ден, 25 јуни, поради наглото зголемување на бројот на заразени лица, беше воведена обврската да се носат заштитни маски во јавниот превоз низ целата земја. Во текот на следните два дена, 26 и 27 јуни беше забележано вонредно зголемување на бројот на заразени од вкупно 180 нови случаи за 48 часа. Сепак, бидејќи предизборните анкети за јавното мислење резултираа со апсолутно противречни резултати од анкетата, граѓаните се охрабруваа да излезат на гласање. Така, Весна Фабијанашиќ-Крајшаниќ, потпретседател на Државната изборна комисија, ги уверува гласачите дека, благодарение на мерките за заштита,ќе бидат позаштитени отколку во јавниот превоз или трговскиот центар и ги повикуваше да го искористат своето право на глас.

Спроведување на избори во екот на пандемијата

Споменатите мерки вклучуваат носење маска, проветрување на просторијата неколку пати на ден, дезинфекција на рацете и одржување на растојание од 1,5 метри. Исто така, се препорачуваше да се носат и ракавици и користење на ваше сопствено пенкало за гласање. Во случај гласачот да нема свое пенкало, тој / таа може да го користи она на избирачкото место, а членовите на одборот се должни да се грижат пенкалата да се бришат од време на време со средства за дезинфекција.

Исто така, 55 гласачи заразени со коронавирус побараа да им се дозволи да гласаат, при што се огласи и Уставниот суд кој порача дека Државната изборна комисија е должна да обезбеди остварување на нивното право на глас. Така беше решено дека заразените гласачи ќе можат да гласаат со помош на друго лице; лица од доверба, кои ќе ги пополнат гласачките ливчиња според нивните овластувања и упатства, а членовите на комисијата за избирачки места ќе ги извршат сите дејствија пред влезната врата од станот или куќата на заразениот гласач. И покрај ова, многу заразени гласачи, но и оние кои беа во самоизолација како контакти на заразените,не успеаа да го искористат своето право на глас затоа што членовите на избирачките одбори одбиле да одат во нивните домови поради стравот од инфекција.

Генерално, гласале само 46,90% од гласачите, што се смета за најмала излезност на парламентарните избори досега регистрирани во Хрватска. Освен тоа што ова се први избори што се одржуваат во текот на летото, причината за толку низок одзив лежи и во епидемиолошката состојба, особено со оглед на растот на бројот на заразени непосредно пред изборите.

Прекршување на епидемиолошките мерки во изборната ноќ

Од друга страна, понесени од прославата во штабот, политичарите, пак, ги прекршија мерките кои беа пропишани на граѓаните. Еден од најчитаните хрватски дневни весници „Вечерњи лист“, известува дека штабот на партијата Мост каде што нивните приврзаници ги прославиле резултатите од изборите на терасата на еден ресторан во Загреб, на чијшто влез биле обезбедени заштитни маски и средства за дезинфекција. Сепак, тие наведуваат дека не се придржувале до растојанието во штабот, дека ретко кој носел заштитна маска, а никој не носел ракавици, иако се ракувале со рака кога влегувале во седиштето на партијата и ги игнорирале средствата за дезинфекција. Тие посочуваат дека атмосферата била многу весела и распеана, но и дека дури и при давањето на изјавата на Никола Грмоја, приврзаниците на странката Мост влегле во просторот наменет за новинарите, и славеле, пееле, скокале и се журкале.

Ништо помалку весело не било ни во штабот на коалицијата на Партијата со Име и Презиме, Паметни и Фокус, како и во другите штабови. Сепак, вториот најчитан дневен весник во Хрватска, „Јутарњи лист“, известува дека атмосферата на терасата на Археолошкиот музеј каде славеше победничката ХДЗ била доста опуштена, и посочи дека ХДЗ строго го утврдила бројот на претставници на медиумите за овој прием. Тие изјавуваат дека еден член на ХДЗ изјавил: „Тие побараа од сите нас да бидеме одговорни, да одржуваме физичко растојание и да постапуваме во согласност со мерките за итни случаи. Сепак тоа е , „новата нормалност“. ,,Вечерњи Лист” пишува дека новинарите го прашувале Гордан Јандроковиќ на ХДЗ зошто кај нив атмосферата е толку мирна, на што тој одговорил дека Членовите на ХДЗ вријат од внатре, но дека работат на испраќање на добра порака за придржување кон епидемиолошките мерки.

Сепак, се чини дека на крајот тоа не им успеа. „Вечерњи лист“ пренесува дека премиерот Пленковиќ (ХДЗ) по 21 часот, кога сфатил дека тоа ќе биде славеничка вечер за ХДЗ, дошол кај чуварите на влезот и им рекол да ги пуштат и оние што немале акредитација. Тие велат дека тој им рекол: „Да го е*, (ф*uck it) дечки голема работа, бидете малку опуштени. Сега кога победивме, може да се дише полесно “. Подоцна, опколен во сендвич со други политичари и насобраните приврзаници, ги кренал рацете и пеел, а радоста го понела и Вилија Берош, министерот за здравство, кој дури и танцувал меѓу нив.

„Работите излегоа од контрола

По изборната ноќ, во во текот на која во седиштата/штабовите на партиите, се гушкале, ракувале, се бакнувале, зборувале гласно и пееле без никакво растојание, епидемиолозите веруваат дека секој што учествувал во тоа требало да носи маски во наредните 14 дена бидејќи можноста за инфекција значително се зголемила во тој временски период.

Директорот на Хрватскиот институт за јавно здравје Крунослав Чапак рече дека имало отстапувања од препорачаните епидемиолошки мерки за време на изборната ноќ и дека „работите излегле од контрола“. „Короната не знае за години, ниту пак знае за време. Се испостави дека короната не знае за време, и затоа многу е важно да се придржуваме кон мерките “, заклучи тој. Доаѓајќи до заклучокот дека ХДЗ се опуштила на ноќта на изборите, вицепремиерот и министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ одговори: „Помалку од 15 минути“, но сепак додаде дека имало опуштање и релаксација и дека не било сè според епидемиолошките правила.

Понатаму, министерот за здравство Вили Берош признава дека во одреден момент тие биле премногу блиску еден до друг, но се надева дека нема да станат расадник на коронавирусот. Иако потврдува дека ситуацијата околу семејните собири, како што се родендените, свадбите и крштевките, се разгледува заради зголемениот ризик од ширење на коронавирусот за време на ваквите веселби, тој посочува: „Мислам дека нема да има воведување на построги мерки, освен доколку не ескалира епидемиолошката состојба. Ние ќе се погрижиме да нема нови жаришта, ќе воведеме селективни мерки, но нема да има целосен карантин и lockdown како минатиот пат “.

… и сега повторно заострување на мерките!

Сепак, епидемиолошката состојба ескалираше на 10 јули, кога беа регистрирани 116 нови случаи на зараза, што беше најголем дневен број на новозаразени од почетокот на епидемијата во Хрватска, па мерките беа заострени. Најголем број на заразени, 35, беше во градот Загреб, 20 од нив беа од Осијечко-Барањската област, потоа 17 од Сплит-Далмација, 14 од Задар, 8 од Истра, 6 од Сисачко-Мословачкиот регион, 4 од округот Дубровник-Неретва, а останатите беа по еден од секоја жупанија. 13 новозаразени лица од градот Загреб не знаеја каде се заразиле, но ниту еден медиум не истражувал за можноста за поврзаноста со настаните во изборната ноќ.

Истиот ден донесени се упатства и препораки за собири од 100 или повеќе учесници за кои се наложува физичкото растојание помеѓу сите учесници да биде најмалку 1,5 метар и дека е забранет секој близок физички контакт со ракување на рацете, гушкање, бакнување или честитање. Рекордот во дневниот број на ново заразени лица беше срушен уште следниот ден кога беа евидентирани 140 нови случаи, па наскоро беше усвоена и инструкција за обврската да се носат маски за лице и медицински маски. Покрај здравствените работници, вработените и корисниците на јавниот превоз, во согласност со одлуките на Националниот штаб за цивилна заштита, маските станаа задолжителни за вработените и клиентите во продавниците, вработените во угостителските и услужните дејности, како и за вработените и клиентите на компании, установи и институции.

На овој начин, скоро сите граѓани добиваат можност да ја докажат својата одговорност. Но, како што неодамна кажа Професорот по политички науки Анѓелко Миларковиќ – „двојните стандарди без етичка основа се смрт за поимот одговорност“, затоа сега им се остава на граѓаните да размислуваат за тоа кој од нив всушност во целата таа приказна, бил но и #ОстаналОдговорен.

*Тина Хруби ги завршила своите магистерски студии по комуникациски студии на Факултетот за хрватски студии во Загреб, специјализирана за односи со јавност. Дипломирала на универзитетот „Вилнус“ во Литванија и Националниот универзитет „Сун Јат-сен“ во Тајван преку програмата за размена на студенти. Од 2013 година, таа е активен член на Друштвото за комуникација и култура на медиуми, а како дел од проектот „Умот над медиумите“, го создаде првиот пропаганден наставен план наменет за едукација на мигрантите и барателите на азил. Во моментот е вработена во Друштвото за комуникација и култура на медиуми како координатор на проектните активности и е заменик директор на канцеларијата.

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.