Протести во Либан по експлозијата – бесни на владата демонстранти се судрија со полицијата

Либанската полиција употреби солзавец на демонстрациите во главниот град Бејрут, каде неколку стотини граѓани излегоа на улиците бесни поради несовесноста на власта по големата експлозија која разнесе огромен дел од градот.

Демонстрантите биле собрани во близина на парламентот, каде бил запален мал оган и започнале да фрлаат камења врз полицијата, пренела државната новинска агенција.

Бесот на граѓаните доаѓа по експлозијата на голема количина амониум нитрат, несоодветно складирана со години во складиште на пристаништето, во која загинаа скоро 150 луѓе, додека над 5.000 лица беа повредени.

Волонтери од цел Либан и понатаму доаѓаат во главниот град за да помогнат во чистење на прашината и остатоците од населбата која беше разнесена од експлозијата.

Дел од граѓаните за прв пат се вратија во нивните домови и продавници кои беа погодени од огромната експлозија.

„Нема ништо останато во целата населба. Ниту една продавница. Јас нема да ја обвонувам оваа земја. Тие (политичарите) не оставија без работа и без домови – и сега нив ги нема. Ако нешто се промени, ќе обновуваме. Ако не, тогаш нема. Нека обновуваат тие“, рекла за локалните медиуми Хелга, жена која била затекната како ги проверува рушевините од нејзината мала продавница.

„Не можеме ова да го издржиме повеќе. Целиот систем мора да си оди“, рекол 30-годишниот Мохамад Сујур.

Последниот мал протест, како и огромниот број на бесни пораки низ социјалните мрежи, покажуваат дека катастрофата би можела повторно да ги активира демонстрациите низ целата земја кои избија во октомври минатата година, но се намалија поради пандемијата со коронавирусот.

Претседателот Мишел Аун и премиерот Хасан Диаб, ветија дека одговорните за експлозијата ќе бидат ставени во затвор. Обвинителството соопшти дека 16 работници на пристаништето се приведени поради експлозијата.

Но, довербата во институциите кај граѓаните е многу ниска и мал број граѓани на улиците во Бејрут очекуваат независна истрага. Владејачката класа во земјата долго време е обвинувана за неспособност и корупција, а на протестите кои започнаа минатата година демонстрантите бараа промена на системот.