Родители во недоумница за плаќањето за градинка среде пандемија, општини велат дека се покриваат режиските трошоци

Летово градинките беа затворени поради коронавирусот, а децата останаа дома. Дел од родителите имаат недоумници дали и како ќе плаќаат за градинката, други забележуваат зошто да плаќаат 521 денар кога детето не оди во градинка, а трети прашуваат дали детето ќе биде отпишано ако не ги подмириле заостанатите сметки. 

Родители во чии општини беше донесена одлука општината да ги субвенционира месечните сметки за градинка се задоволни од ваквата постапка. Останати, пак, сметаат дека мерката треба да се донесе на ниво на држава.

„Мислам дека треба да субвенционира општината. Нас по Вибер група не’ известија дека треба да се плаќа по 521 денар. Мене во принцип не ми е преголемо оптоварување месечната сума, но има родители кои мора да одат на работа, немаат кој да им ги чува децата, па ангажираат помош за која плаќаат, а истоврено плаќаат и за градинката. Многу родители изгубија и работа, а ниту тие, колку што знам, не се ослободени од обврската за плаќање“, вели за Радио МОФ родител на две деца кои одат во градинка во општина Центар.

Од Општина Центар за Радио МОФ велат дека во ниту еден момент ниедно дете не може да биде принудно испишано од градинка. Градинките во Центар, велат тие, исто како и во останатите општини, на сите дечиња од семејства во социјален ризик им овозможуваат бесплатен престој во градинка, без разлика дали е вонредна состојба или не.

„Во градинките во општина Центар родителите плаќаат сметки во висина од 521 денар месечно, кој износ го плаќаат сите запишани деца во градинка низ годините наназад. Овој износ се плаќа и кога децата не одат во градинка (одмори, болест или друго отсуство). Средствата што родителите ги плаќаат на градинките, кои се движат од 521 денар до 1.590 денари, во зависност од бројот на денови што детето посетувало градинка, се наменети за плаќање на комуналии (електрична енергија, греење, вода, комунална хигиена) како и набавка на храна за децата и средства за чистење на градинката, уредување и одржување на дворовите на објектите на градинките“, велат од Центар.

Согласно новите протоколи, дополнуваат општинарите, секое дете што ќе ги исполни условите, особено точка 5 во делот за родители, ќе може да посетува градинка. Односно, родителот/родителите пред повторно да го вклучи детето во градинка, потребно е да достави потврда од работодавач дека работните задачи задолжително мора да ги извршуваат на работното место.

„Градинките во општина Центар создаваат безбедна средина за престој и воспитување на нашите деца. Во таа насока, во периодот додека децата не посетуваа градинка, во општина Центар целосно се реконструирани клоновите ‘Палешка’ и ‘Пепелашка’ на детската градинка ‘Р.Ј. Корчагин’, во тек е реконструкција на клонот ‘Беко’ на градинката ‘13 Ноември’, и се вршат интервенции во клонот ‘Бели Мугри’ од градинката ‘Кочо Рацин’. Исто така сите клонови на нашите градинки се целосно дезинфицирани, покрај просторот, дезинфицирани се и креветчињата и сите играчки и други реквизити во градинките“, потенцираат од Центар.

Дел од средствата велат дека се обезбедени од општината, дел од фондови, а останатите од средства од градинките, односно од партиципацијата што родителите ја плаќаат.

Дополнително, од општина Центар информираат дека заедно со Швајцарската влада преку програмата за развој УНДП во моментов во трите градинки опремува сензорни соби за работа на деца со потешкотии во развојот и спроведува обуки за стручниот и воспитно-образовниот кадар за работа со овие деца во сензорните соби.

Општина Ѓорче Петров, на седница на Совет пред три месеци, донесе одлука родителите чии деца посетуваат градинка на нивната територија – да се ослободат од плаќање надомест во месеците додека градинките беа затворени.

„Први и единствени во земјата, нашите советници изгласаа ‘нула трошок’ за родителите додека траеше вонредната состојба. Засега, ниту едно дете не е отпишано од градинка. Чекаме насоки од релевантните институции за понатамошно постапување“, соопштува Лепа Ѓоргиевска Јакиовска од Одделението за односи со јавнот во Ѓорче Петров.

Од друга страна, во Карпош останува исплатата на 521 денар, но нема испишување на деца доколку не ја подмират обврската. Социјално загрозените семејства се ослободени од плаќањата. Општината потенцира дека тие 521 денар се за режиски трошоци, струја, вода, греење, кречење, дезинфекција на креветчиња…

Општинарите на средби со загрижените родители, им објасниле за што се користат средствата, па наишле на разбирање и голем број веќе ги имаат платено сметките.

„Во договор со градинките, родителите што не можат да платат, заостанувале или на некаков начин биле спречени, наоѓаат начин да ги подмират сметките. Сега се прават нови протоколи во договор со ресорното министерство, па кога ќе дојде време – децата ќе започнат со градинка. Инаку, секој месец тие трошоци се оправдани. Поминати се  пола година (од започнување на коронавирусот н.з.), па кога ќе се вратат децата, градинката треба да биде средена, чиста и дезинфицирана“, потенцира Игор Ѓуровски од Одделението за односи со јавност од Карпош, дополнувајќи дека тие 521 денар не стигнуваат за сите трошоци, но се добредојдени, а и општината помага.

Во Општина Аеродром не е утврден рокот за плаќање на сметките и нема испишување на деца, освен ако самиот родител не упати барање.

Доколку некои родители останале без работа и без примања, велат од Аеродром, можат да поднесат барање и доколку се исполнети условите, ќе бидат ослободени од плаќање надомест како за овие месеци, така и за натамошниот период додека се невработени.

Потенцираат дека износот од 521 денар е регулиран со Правилник за услугите на јавната установа и Допис од  Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

„Управните одбори на двете детски градинки на територијата на Општина Аеродром, ‘Буба Мара’ и ‘Срничка’, донесоа одлука родителите на запишаните дечиња да плаќаат надомест од 521 денар за месеците додека децата не одат во градинка“, велат од таму.

Сумата и тука се плаќа за режиски трошоци и други трошоци што градинките ги плаќаат месечно без исклучок.

„Како и трошоци што дополнително произлегоа од вонредната состојба, а ќе се користат исклучиво за потребите на дечињата, со цел тие да бидат здрави и заштитени, но и да се исполнат условите од оперативниот план за отворање на градинките“, соопштуваат од Аеродром.

Пример за вакви трошоци, велат тие, се задолжителните систематски прегледи на вработените, санитарни прегледи на вработените, исто така задолжителни и се прават двапати годишно.

„Понатаму, согласно со оперативниот план за активности во установите за згрижување и воспитание на деца по укинување на вонредната состојба доставен од МТСП, набавени се доволни количини хигиенски средства за одржување на општата и личната хигиена и средства за дезинфекција на вработените и просториите, набавени се бесконтатни термометри за мерење температура за сите објекти, како и лична заштитна опрема за сите вработени од објектите“, објаснуваат од Општината.

Во меѓувреме, голем број општини се откажаа од собирањето на месечната партициација за одење на детето во градинка. Последна тоа го стори општина Штип, од каде порачаа на овој начин се солидаризираат со граѓаните и го помагаат на семејниот буџет во време на пандемија.

„Во оваа ситуација после повеќе консултации со раководствата на двете детски градинки и претседателот на советот, како Градоначалник денес од управните одбори на градинките барам според редовната процедура да се отвори постапка за укинување на наплатата и на основниот паушал на родителите за месеците април, мај, јуни, јули и август. За потсетување овој основен паушал се наплаќал секогаш во летните месеци во претходните години. Ако бараме солидарност мораме да знаеме дека Општина Штип ќе биде првата институција која ќе биде солидарна во нашиот град, заедно со градинките и останатите институции“, изјави минатата недела градоначалникот на Штип, Благој Бочварски.

Инаку, Владата уште на 30 мај објави Протокол за градинките во кој се пропишани критериумите за тоа како ќе се работи.

Од МТСП во петокот изјавија дека приоритет од септември би имале децата на кои двајцата родители им се вработени, како и децата на самохрани родители кои се во работен однос и за тоа ќе донесат потврда во установата. За тоа дали ќе се згрижуваат други деца, како и за запишување на нови, одлука ќе носат градинките, доколку во групите има помал број на деца од предвиденото во протоколот за заштита од Ковид-19, а и ако имаат просторните капацитети за тоа.

Периодов градинките организираат анкети за родителите кои треба да покажат колку деца ќе можат да посетуваат градинка, а да се почитуваат мерките за заштита, соопштија од МТСП.

Бојан Шашевски