Иако за денеска беше најавена одлуката на институциите во врска со начинот на кој би започнала новата учебна година во училиштата од 1-ви септември, сепак надлежните, по состаноков утрово, информираат дека разговорите помеѓу Комисијата за заразни болести и Министерството за образование и наука ќе продолжат и утре.
„Денес не беа донесени заклучоци во однос на овие прашања, разговорите продолжуваат и во наредните денови со цел да се изнајде и договори најдобро и најбезбедно решение за начинот на одвивање на наставата. Комисијата за заразни болести ги подготви мерките за заштита и потребните протоколи што треба да се запазат за заштита на децата и наставниците во текот на наставниот процес, сепак финалната одлука за почеток на учебната година и начинот на одвивање на наставата е во надлежност на Министерството за образование и наука. Разговорите меѓу Комисијата за заразни болести и МОН продолжуваaт утре“, соопштија од Министерството за здравство.
Непосредно пред состанокот, своја куса реакција упати и Самостојниот синдика на образованието, науката и културата – СОНК од каде се надеваат дека надлежните ќе донесат рационална одлука за почетокот на новата учебна година.
„Убедени сме дека како приоритет ќе им биде здравјето на учениците и вработените во училиштата, пред моделот на изведување на наставата“, гласи нивниот став.
Претходно, во исчекување на одлуката, со свој став излегоа и од Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија – ССРСМ, од каде порачаа дека здравјето, безбедноста и благосостојбата на училишната заедница мора да бидат во центарот на политиките за враќање во училиште, а барање до властите упати и неформална група родители кои сметаат дека треба да се овозможи опцијата за онлајн настава за сите ученици во новата учебна година за, како што велат, да не дојде до поголемо ширење на коронавирусот.
Заменичката на Народниот правобранител, Васка Бајрамова Мустафа, пак, упати мислење до Министерството за образование и наука во кое истакнува дека императив за надлежните е да ги остварат сите предуслови за дигитализација на наставата, но при тоа таа да биде достапна за сите ученици.