Граѓанската иницијатива „Стоп Русино“ имаше состанок со претставници на Општина Гостивар на која е одлучено блокадата на депонијата Русино да продолжи и во наредните 10 денови. Рампата за комунален смет до 22 август ќе биде затворена за сите општини освен за Гостивар.
„Останатите 8 општини веќе почнуваат да се полнат со смет, па оттаму уште повеќе е јасно дека заедничкиот проблем со ѓубриштето Русино мора да се реши итно и со заеднички напори од страна на сите засегнати општини. По состанокот со Градоначалникот Арбен Таравари и претставниците на Општината одржан на 10 август дојдовме до заклучок дека оваа заедничка борба на сите граѓани на Гостивар ќе трае долго и дека е потребно блокадата да продолжи“, информираа од иницијативата.
Активистите соопштија дека во овој период на блокадата, очекуваат да се одржи заеднички состанок со претставниците на сите 9 засегнати општини и дека на тој состанок ќе ја добијат поддршката од сите и ќе изготват детален план за во иднина.
„Ја цениме поддршката од сите граѓани и ве повикуваме да ни се придружите на патот кон Русино непосредно по Микрогранулатот. Во оваа борба за здравје ја очекуваме поддршката од сите, без разлика на вера, етничка припадност и политичка определеност“, соопштија од иницијативата.
Инаку, гостиварските активисти незадоволството го изразија на почетокот на јули, кога испратија порака до институциите да најдат решение за нивниот проблем. Стотици граѓани пак, на 23 јули повторно го изразија својот револт преку протестно дефиле со автомобили, велосипеди и поради депонијата која гореше веќе наредниот ден, а за која активистите велат дека чадот од неа се гледа од градот Гостивар. Од 2 август „Стоп Русино“ го блокираше пристапот до депонијата, со крајна цел затворање и дислоцирање на ѓубриштето.