ССМ: 3.300 млади луѓе останале без работа од почетокот на кризата

Според официјалните податоци, од почетокот на кризата, речиси 12.000 луѓе останале без работа и егзистенција, а речиси 3.300 од нив се млади луѓе под 29 години, соопштуваат од Секцијата на млади на Сојузот на синдикати на Македонија (СМССМ) кои се приклучија кон одбележување на Меѓународниот ден на млади.

Тие посочуваат дека секој четврти човек кој останал без работа е млад човек под 29 години, што дополнително, како што велат, ја отежнува состојбата со младинската невработеност во земјата која е меѓу највисоките во Европа и изнесува 35 проценти.

„Затоа, повикуваме да се слушне и нашиот глас и бараме од сите релевантни чинители во општеството, не само декларативно, туку реално да обезбедат поголема заштита за нашите рабтонички права и да обезбедат сигурни работни места, поголема социјална и економска сигурност и инклузивност во процесот на креирање и имплементирање на младинските политики“, стои во нивното соопштение.

Оттаму потенцираат дека како млади луѓе сакаат слобода и право на синдикално организирање, затоа што, како што додаваат, се свесни дека колективната борба е борба за подобро утре за сите.

Меѓународниот ден на младите се одбележува секоја година на 12 август, со цел постојано унапредување на положбата на младите во општеството, а овогодишната тема на денот е насловена „Младинско ангажирање за глобално дејствување“.

Радио МОФ по овој повод објави и подкаст во кој разговаравме со младиот Фари Хисени од Младинскиот образовен форум.