[Галерија] „Лопови“, „Крвта ни ја пиете“ – Втора недела протести поради поскапувањето на струјата

„Лопови“, „Социјална правда“, „Крвта ни ја пиете“, се само дел од скандирањата на демонстрантите на протестот кој започна кај „Жена Парк“ поради револтот за покачувањето на цената на струјата за 7.4 отсто од  Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Втора недела по ред, граѓаните протестираат низ скопските улици поради ваквата одлука.

Протестот започна на две локации во Скопје, односно од паркот во Чаир и од „Жена Парк“ во центарот на градот. Двете групи се споија кај трговскиот центар Мавровка, а додека се приближуваа, ечеа извици „Заедно сме посилни“. Оттука продолжија до Владата.

Пред Владата, имаше обраќања на македонски и на албански јазик. Еден од говорниците беше и синдикалецот Марјан Ристески кој испрати порака до надлежните да се вразумат, и посочи дека граѓаните се при крај на трпението.

„Гледате што се случува, не сакам да зборувам кои сценарија се припремаат, ние како одбор се трудиме да бидеме, еве гледате и денеска, не сме многу масовни, меѓутоа нека не спијат на тоа уво дека ова ќе заврши вака. Ова стана народно движење, кое нема сила да го сопре. Апелирам до сегашната Влада, поготово до РКЕ и поготово до тие три претпријатија што служат енергија, да смогнат сили како што ја покачија струјата, така да ја повлечат. Немој да мислат дека ова го направија во еден период кога се годишни одмори, и ќе им помине преку ноќ. Народот ја осети нивната игра и ова нивно лудило нема да помине“, порача Ристески.

Ристески посочи дека во текот на изминатите денови добил повици од многу граѓани низ државата кои не биле организирани. Тој потенцираше дека доаѓа времето кога граѓаните ќе се обединат без разлика на националната припадност.

„Ова покачување на струја што го направија душмански, верувајте никаде во цел свет не е случено. Даваат образложние дека имале проблеми со корона кризата, и сега проблемите, дискусиите, загубите што ги направиле за нивниот лагоден живот сакаат да го надокнадат преку нашите џебови, преку платите на работниците, на пензионерите на стечајците на социјалните…“, рече Ристески.

Активистот Зоран Василевски, еден од учесниците на протестот, веднаш пред почетокот на протестот од „Жена Парк“ истакна дека барањата се јасни и побара укинување на одлуката за поскапувањето на струјата, но и дополнително намалување на цената, имајќи го предвид, како што рече, животниот стандард на граѓаните.

„Да нема плаќање на стари сметки, особено камати на камати уште пред 15 години, а доколку нема слух, тогаш нашето конечно барање е и национализација, т.е. враќање во рамки на државата на дистрибутивниот систем, каде што нема да се генерираат профити за странски компании, за домашни капиталисти, туку едноставно ќе се испорачува онаа цена која што  можат да си ја дозволат граѓаните“, изјави Василевски, додавајќи дека електричната енергија е право, а не привилегија.

Во однос на понатамошните чекори, тој посочи дека со оглед на тоа што е лето и во тек се летните одмори, очекува и помасовни протести доколку нема слух од надлежните, додавајќи дека доколку се соочат со „ѕид“ од другата страна, дури тогаш ќе може да се зборува за радикализација на протестите.

Покрај барањето за итно поништување на последната одлука на РКЕ, меѓудругото, со протестите се бара и нејзино распуштање, но и да се формирање на независно арбитрарно тело за да се провери квалитетот на енергетските услуги.

Истовремено, денеска протести се одржуваат во повеќе македонски градови како Прилеп, Куманово, Тетово, Кичево и други.

Протестите почнаа минатата недела кога освен во Скопје се протестираше и во Гостивар, Тетово, Куманово, Дебар, откако непосредно пред двата празника, Курбан Бајрам и 2 Август, регулаторната комисија соопшти дека струјата поскапува за скоро 8 отсто. Поскапувањето тие го правдаат со лошата финансиска состојба на компаниите кои управуваат со овој сектор.

Б.Ш./М.К.