[Став] Како Македонија и Фронтекс се справуваат со мигрантската криза

Од 2015 година во Македонија престојуваат полициски тимови на земји членки на ЕУ на границата со Грција заради помош во справувањето со мигрантите. Соработката е успешна но потребна е поголема транспарентност.

Таканаречената „Балканска рута“ беше една од главните патеки на мигрантите и бегалците кон Западна Европа. Во 2015 година, мигрантите кои пристигнаа во Грција имаа директно влијание врз оваа рута со нивната намера преку Република Македонија, Албанија и Србија да пристигнат до најблиските граници на земјите-членки на ЕУ. Во 2015, на Балканот беа откриени  764.033 нелегални гранични преминувања  на мигрантите во обид да ја преминат границата на  Србија со  Унгарија за да го продолжат патот кон развиените земји. Оваа бројка го востанови фактот дека предизвиците со мигрантскиот бран на оваа рута не може да се надминат само преку напорите на една индивидуална држава или земја-членка на ЕУ туку може да се успее само со  „колективен и прекуграничен пристап базиран на соработка“. 

Врз основа на тоа , во мај 2015 година, Европската комисија ја воведе Европската агенда за миграција со цел решавање на предизвиците поврзани со нелегалната миграција, границите, азилот и легалната миграција. Врз основа на утврдениот факт дека ЕУ не е во можност да го реши мигрантското прашање единствено преку националните политики и активности на одделни земји-членки на ЕУ, Жан Клод Јункер на 25 октомври 2015 година ги повика лидерите на Албанија, Австрија, Бугарија, Хрватска, Република Македонија, Германија, Грција, Унгарија, Романија, Србија и Словенија да се состанат во Брисел. На овој состанок се усвои „Акционен план од 17 точки“, од кои релевантните точки за справување со предизвиците од мигрантската криза се насочени кон преземање мерки за насочување на работата на агенциите на ЕУ а со цел брзо да се воспостави систем за размена на информации и да се зајакне Мрежата за анализа на ризици на Западен Балкан на Фронтекс, со засилено известување од сите учесници.

Соработка меѓу Македонија и Фронтекс

Работен договор

На 19 јануари 2009 година, беше потпишан Работен договор помеѓу Фронтекс и Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, кој стапи во сила наредниот ден. Целта на овој договор е борба против илегална миграција и сроден прекуграничен криминал преку размена на информации, анализирање ризици, заеднички обуки, истражувачки и развојни проекти, заеднички оперативни мерки и учество во пилот-проекти, под надлежност на Извршниот директор на Фронтекс.

Овој договор обезбеди можност Република Македонија да има корист од услугите на Фронтекс со цел да ги зајакне своите капацитети во управувањето со границите на земјата преку разни заеднички операции, обуки и развојни активности. Ваквите примери вклучуваат македонско учество во заеднички координирани активности со Фронтекс, како набљудувач во земјите-членки на ЕУ, соработка и учество во координирани операции на Фронтекс извршени на заедничка граница, како што е границата со Грција, размена на информации, како и македонско учество како набљудувач, на релевантни сесии и состаноци на Мрежата за анализа на ризици на Фронтекс (ФРАН), итн.

Статусен договор

Во јули 2018 година, еврокомесарот Димитрис Аврамопулос и македонскиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски се согласија за Статусен договор со кој ќе се овозможи тимови на Фронтекс да бидат распоредени во Македонија. Договорот ќе му овозможи на Фронтекс да спроведува заеднички операции во и со Македонија во случај на итни или ненадејни миграциски предизвици. Во нацрт-верзијата на овој договор се предвидува тим на земја-членка од Фронтекс да извршува задачи на територијата на Република Македонија под упатства и во присуство на нашите надлежни  власти. Сепак, оваа клаузула предвидува дека преку својот координативен службеник, претставникот на Фронтекс може да ги пренесе своите ставови до лицата што ги претставуваат македонските полициски власти.

Во овој случај, националните власти треба да ги земат предвид овие ставови и да ги следат до најголем можен степен. Оваа одредба може да предизвика недоследности во имплементацијата ако ставовите што треба да се земат предвид не се во согласност со соодветната (важечката)  национална законодавна рамка на нашата држава. Оттука, ризикот од можни незаконски дејства може да биде потенцијално присутен. Јавната свест за ова прашање недостасува a следствено, треба да се организира поширока јавна расправа, сè до ратификацијата на Договорот заради  подобрување на неговата содржина.

Странска гранична стража од ЕУ и други земји во Македонија

Република Македонија интензивно соработуваше со одредени земји-членки на ЕУ и Србија да ги унапреди напорите во справувањето со мигрантската криза од 2015 година кога таа го достигна својот „пик“. Во 2015 година, Република Македонија во европските и регионалните кругови го потенцираше фактот дека и е потребна материјална и логистичка поддршка за ефикасно справување со илегалната миграција и нудење  хуманитарна поддршка за бегалците. Оттогаш, постои континуирана меѓународна соработка во која учествуваат 8 држави, меѓу кои и Чешка, Полска, Словачка, Австрија, Унгарија, Словенија, Хрватска и Србија.

Целта на оваа соработка е македонската и странската полиција заеднички да патролираат по должината на границата со Грција, како и на македонските полицајци да им се помогне во извршувањето на нивните дневни обврски. Покрај тоа, соработката вклучува меѓусебна обука, размена на информации и координација. Вкупно 166 странски полицајци беа присутни на македонската граница а трошоците за нивниот престој беа покриени со средства од ЕУ.  Бројот на странски полицајци се зголеми, додека во 2019 година пристигнаа нови контингенти во земјата.

Иако во член 5 од Законот за гранична контрола е предвидено дека граничната контрола е одговорност на МВР и дека активностите за контрола на границата ги спроведуваат полициските оддели на Министерството, присуството на странска полиција е предвидено со член 59 од истиот закон. Имено, овој член предвидува дека полициски службеници од други земји можат врз основа на ратификуван меѓународен договор, да вршат работи што се однесуваат на граничната контрола и други работи поврзани со меѓународната полициска соработка. На територијата на Република Македонија, странски полициски службеници можат да користат техничка опрема и возила со ознаки, да носат униформи, оружје и друго средство за присилување, под услови и на начин утврден со меѓународен договор.

Во оваа насока, Македонија потпиша Меморандум за разбирање со Србија, Унгарија и Австрија, документ што се разликува од вообичаените договори што се потпишуваат меѓу земјите. Клучна разлика помеѓу овој документ и склучување  договор е фактот што договорот може да биде извршен и преку судски органи во случај на спор, што не е случај со Меморандумот за разбирање. Уште поважно, македонското Собрание не го ратификуваше потпишаниот меморандум. Тој не е објавен во Службени весник што го прави Меморандумот само документ од декларативен карактер. Сепак, тоа не ги спречи странските полицајци да доаѓаат во контингенти во текот на неколку периоди од 2015 до 2019 година на нашите граници.

Потребна е поголема транспарентност

Мигрантската криза од 2015 година ги предизвика столбовите на управувањето на внатрешните и надворешните граници на ЕУ. Земјите на Балканот одиграа клучна улога во управувањето и контролата на надворешните граници на ЕУ, поддржани од големи финансиски и технички ресурси обезбедени од ЕУ, нејзините агенции и земјите членки на ЕУ. Иако капацитетите на нашите полициски сили се зајакнаа а соработката со странските полициски власти е  добра практика, сепак мора да се потенцира недостатокот на транспарентност на процесите што се одвиваат земјата.

Меморандумот за разбирање потпишан со странски полициски власти не е јавно достапен, документот не е ратификуван во нашето Собрание а точниот број  странски полицајци присутни во Северна Македонија не е достапен на веб-страниците на надлежните власти. Ова се должи на фактот дека земјата усвои флексибилен пристап во справувањето со кризата со мигрантите при соработката со другите земји.

Известувањето на медиумите и соопштенијата  од Министерството за внатрешни работи се единствениот извор на информации за состојбата на границите. Дополнително, политичките, финансиските и другите оптоварувања што произлегуваат од Статусниот договор со Фронтекс треба јавно да се дискутираат со сите засегнати страни, вклучително и со претставници на релевантните институции, академијата и експертите, со цел да се подобрат позициите на земјата врз.

Следствено, после неговата ратификација, потребно е да се следи имплементацијата на овој договор.

Исмаил Камбери

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.