Хуан Карлос Морено е осуден на 50 години затвор поради наредба за убиство на новинарката Мирослава Брич во Мексико, пренесува српски „Н1“.
Брич која пишувала за насилството поврзано со дрогата и корупцијата во земјата е една од 11-те новинари кои се убиени во 2017 година во Мексико.
Обвинителството соопштило дека ваквата остра казна е преседан во случаите кои се однесуваат на злосторства против слободата на изразување.
Околу 90% од нападите на новинарите во Мексико остануваат неразјаснети. Организацијата „Пропуеста цивика“ која се занимава со правата на новинарите апелираше до мексичките власти да ги истражат нападите, во земјата каде од почетокот на годинава се убиени четворица новинари.
Од организација „Репортери без граници“ сметаат дека Мексико е една од најлошите и најопасните земји на светот за новинарите.
„Дослухот помеѓу службените лица и организираниот криминал претставува голема закана за безбедноста на новинарите и го кочи правосудниот систем на сите нивоа“, соопштија од организациајта.
Брич беше погодена со осум куршуми во својот автомобил пред нејзината куќа во градот Чивава на 23 март 2017 година. Едно од нејзините деца за време на нападот било во автомобилот, но не е повредено.
Брич пишувала за организираниот криминал, трговијата со дрога и корупцијата за весникот „Ла Хорнада“ и регионалниот весник „Норте де Сијудад Хуарез“.
Нејзините убијци оставиле порака на која пишувало „Затоа што многу зборуваше“.
Обвинителството соопшти дека таа е убиена со предумисла, откако примила повеќе заканувачи пораки.
Морено е обвинет дека е „интелектуален автор“ на нејзиното убиство, а весникот „Ел Пасо Тајмс“ објави дека тој бил лидер на напаѓачите, односно, на групата „Лос Салазар“, фракција на картелот „Синалоа“.
Рамон Завала кој пукал на Брич е убиен подоцна, а сторителите на ова кривично дело не се познати.