Мрежата на невладини организации „Сите сите” упати барање до Градот Скопје за поддршка со цел да го зголеми својот капацитет на работа во услови на зголемена потреба за помош на социјално загрозени граѓани погодени од кризата предизвикана од Ковид-19.
Од Град Скопје се бара поддршка за простор (магацински), транспорт (гориво, возило и др.), финансиски средства за дополнителен персонал и поддршка во поттикнувањето на поголемо вклучување со донирање од страна на компаниите, како и за волонтери што ќе помогне да се зголемат капацитетите за обезбедување повеќе храна за корисниците на мрежата на територија на Град Скопје и за новите кои очекуваат да се појават во периодот што следи.
Блаже Јосифовски, претседател на Асоцијацијата „Ајде Македонија” и координатор на мрежата „Сите сити”, која брои 15 активни членки, посочи дека за време на ковид – кризата зголемен е бројот на нивни корисници на услугите кои ги нудат и на обемот на работа за 30-50 проценти во храна и други услуги.
„Ситуацијата е влошена заради здравствената и економска криза и оти најавите се дека во идниот период ќе се влоши уште повеќе. Ние како организации чувствуваме дека сме на крајот од нашите ресурси и физички и психички и би било исклучително важно помошта да се насочи за егзистенција на загрозените. Навистина имаме случаи каде луѓе кои се јавувале како донатори, сега се јавуваат како баратели на помош. Добро е што имаме се повеќе донатори -индивидуалци и компании, но многу е важно во ова да се вклучат и локалните и националните власти“, смета Јосифовски.
Од Мрежата очекуваат Градот Скопје да има слух и позитивно да одговори на нивните барања.