На 4 и 7 септември, со два настани ќе се одбележи второто издание на биеналето за современи уметности СловоКулт: литерАРТура.
Првиот настан, на 4 септември, ќе се одржи во Гевгелија во склоп на 12. издание на БОШ фестивал, а вториот на 7 септември во Скопје во Културно информативниот центар.
Темата на годинешното издание е „План Б за Планетата Х или План Х за Планетата А“ и ќе биде презентирана преку дела на групната изложба на ликовни и интердисциплинарни уметници од Германија: Дорит Требелјар, Антон Шварцбах и Ајке Леуен, од Франција: Ôд Карбон и од Македонија/Германија: Елизабета Линднер Костадиновска, Ирена Паскали, Дијана Томиќ Радевска, Славица Јанешлиева, Иван Ивановски, Нина Гештаковска Цветковска, Велимир Жерновски и Марко Вујисиќ.
Главниот дел од настанот е мултимедијален книжевен перформанс (текст/слика/звук), на кој ќе настапат домашните автори: Владимир Лукаш, Марија Грубор, Јовица Ивановски, Мануела Златкова, Исток Улчар, Јосип Коцев, Александар Кирковски, македонската авторка од Берлин Елизабета Линднер Костадиновска, германската авторка од Келн Гундула Шифер и Звонко Карановиќ од Србија.
Во рамките на мултимедијалниот перформанс ќе има и видео презентација на учесниците кои заради ситуацијата не можат лично да присуствуваат: германскиот поет Краус и уредниците на берлинското авангардно списание „Пролог“ (Prolog): Дорит Требелјар и Антон Шварцбах, понатаму Танос Гогос од Грција и Марија Дејановиќ од Хрватска.
За звучната придружба на настаните и мал завршен концерт е поканет Тони Димитров.
Во Културно информативниот центар, пак, со почеток од 18 часот (изложба) и мултимедијален книжевен перформанс (20 часот) каде на учесниците од Гевгелија ќе им се придружи и Сања Михајловиќ-Костадиновска, а ќе има и видео презентација на Василија Иконому (Vasileia Oikonomou) од Грција.
Настанот во КИЦ ќе содржи краток блок IN MEMORIAM за прерано починатите македонски поетеси Лилјана Дирјан и Горана Митровиќ.
Уметнички директор на фестивалот е Елизабета Линднер, а организацијата е во соработка со Дијана Томиќ Радевска и Марија Стојанова.
Настаните во Берлин ќе се одржат од 12-14 ноември 2020, за кои организаторите најавија повеќе информации наскоро.