„Нема да толерираме да слушаме демагогија со зборови“, истакнаа средношколците кои денеска протестираа пред Министерството за образование и наука и Владата, незадоволни од одлуката да продолжи образовниот процес од далечина. Тие во знак на протест против целосно онлајн настава седнаа пред Владата и порачаа дека сакаат комбинирана настава.
Тие ја нарекоа владината одлука скандалозна, неприфатлива и неефикасна.
„Или донесете одлука за комбинирано учење или ќе се видиме со бојкоти или други помасовни протести“, порачаа средношколците.
Според Бленди Ходаи од Средношколскиот сојуз, властите не успеваат да ја препознаат важноста на физичката настава.
„За нив не е проблем што трговските центри се преполни, за нив не е воопшто проблем што за време на кампањите, плоштадите беа преполнин. Наместо оправдување, Владата требаше да работи на создавање на план за подготовока за справување со ситуацијата и повторно отворање на училиштата“, рече тој.
Од Сојузот велат дека не секое семејство има пристап до алатките за онлајн учење и забележаа дека тие нема да дозволат да станат жртви на несериозноста на лидерите, кои како што велат образованието го гледаат како нивен последен приоритет.
Насобраните побараа учениците да бидат вклучени во донесување на одлуките, а училиштата да се обезбедат со сапуни и средства за хигиена, вода и тоалетна хартија.
Покрај ова, бараат и ротирање на средношколците во класовите на секои два дена (следење на наставата онлајн и физичко присуство) и пристапот да не биде централизиран, туку секоја општина да организира модел според епидемиолошката состојба односно број на заразени.
Пред протестот, претставници на Сојузот се сретнале со новата министерка за образование и наука Мила Царовска, со која зборувале за нивните барања, колку може да се земат предвид кога во Влада ќе се гласа за новиот план за учебна година.
„Неколку од барањата на учениците од стручните училишта е предвидено, но ние ќе продолжиме да ги реализираме сите пет барања што ги имаат учениците. Има различни идеи дека некои сакаат да ја имаат наставата онлајн, друг круг што сакаат со физичко присуство. Побезбедно и компромисно за сите нас е да имаме комбиниран модел“, велат од Сојузот за Радио МОФ.
За време на протестот, учениците извикуваа „Не за онлајн настава“, „Сакаме да учиме“ и „Сакаме офлајн“.
„Тука сме затоа што не сме задоволни со онлајн наставата, бидејќи таа иако се одвиваше беше многу неефективна. и не сакаме да изгубиме уште од нашето образование“, изјави еден од учениците на протестот.
На протестот имаше и родители кои пак велат дека сакаат наставата уште утре да започне во училница. Наставните програми се проектирани да траат од 1 септември, па до јуни, велат тие. Според нив, училишната година ќе биде уништена за генерациите доколку не почнат да одат на училиште.
Непосредно пред протестот, пристигна поддршка од Првата детска амбасада Меѓаши. Оттаму велат дека ова е добар и поттикнувачки пример на детско-младинско учество.
„Упатуваме апел до институциите да обезбедат континуирано и системско учество на учениците, средношколците и основците, во донесување на одлуките од областа на образованието. Ваквото учество не смее да биде сведено на еднократни средби, по кои учениците нема да бидат известени ниту дали, ниту пак како нивните мислења биле земени предвид во донесувањето на одлуките“, велат од Меѓаши.