МОН по средношколскиот протест: Нудиме комбинирана настава

Mинистерката за образование и наука Мила Царовска вчера остварила два одделни состанока со претставници на Сојузот на средношколци, како и со Иницијативата на родителите, на кој што посочила дека Владата нуди комбиниран модел за старт на учебната година онаму каде што се исполнети условите од веќе усвоените протоколи, информираа синоќа од Министерството по почетокот на протестот на средношколците.

Царовска посочила дека секаде каде се исполнети условите од протоколите, наставата ќе може да започне со физичко присуство во училиштата, независно од одделението и возраста на децата. За таа цел е формирана Комисија од Владата којашто ќе утврдува дали се исполнети условите во училиштата.

„Сепак во објектите коишто не се во можност да ги исполнат протоколите, учебната година ќе стартува онлајн за што забрзано се работи на подготовка на единствена национална онлајн платформа. Во овие училишта, настава со физичко присуство ќе посетуваат само децата од прво до трето одделение, но и за нив е дадено правото на избор, за што родителите ќе треба да се изјаснат со писмена изјава“, информираат од Министерството.

Царовска додала дека е потребно да се најде баланс меѓу заштитата на јавното здравје и учењето.

Синоќа средношколците одржаа протестен марш од Министерството за образование и наука до зградата на Владата незадоволни од одлуката да продолжи образовниот процес од далечина. Во врска со средбата која ја имале во Министерството за образование и наука тие велат дека ќе продолжат да инсистираат на реализирање на сите нивни барања.

„Неколку од барањата на учениците од стручните училишта е предвидено, но ние ќе продолжиме да ги реализираме сите пет барања што ги имаат учениците. Има различни идеи дека некои сакаат да ја имаат наставата онлајн, друг круг што сакаат со физичко присуство. Побезбедно и компромисно за сите нас е да имаме комбиниран модел“, велат од Сојузот за Радио МОФ.

„Или донесете одлука за комбинирана настава, или се гледаме со бојкоти“ – средношколци седнаа пред Владата