Бирото за развој на образованието работи на поедноставување на учебните програми, со цел школската година да заврши на 10јуни. Вкупно 159 денови ќе треба да се адаптираат, бидејќи часовите ќе траат по 30 минути. Министерката за образование и наука Мила Царовска најави дека овие програми ќе бидат доставени до училиштатат најдоцна до петок.
Покрај ова, таа соопшти дека се подготвува посебно упатство за оценување со физичко присуство, така што учениците би биле поделени по групи и како што наложува епидемиолошката слика во општината. Целта за ова, вели таа, е да се даде валидна оценка на она што ученикот го научил, било со физичка или онлајн настава.
Во групи, директори и наставници од основно и средни училишта низ државата денеска се среќаваат со министерката Царовска за да се разгледаат просторните и хигиенските услови кои ги нудат училиштата, но и снабденоста со материјали за почеток на новата учебна година од 1 октомври.
Царовска ги повика директорите и општините сериозно да ги сфатат подготовките.
Одлуките во секое училиште се разликуваат, дел одбираат физичка настава, други онлајн, а трети комбинирано, во зависност од бројот на ученици и просторниот капацитет.
Перо Стојановски, директор на основното „Лазо Ангеловски“ вели дека нивното училиште брои 1500 ученици. Кај нив, учениците од прво до трето одделение ќе посетуваат физичка настава, со тоа што паралелките ќе бидат поделени во две групи. Од друга страна, 15 до 20 отсто од родителите рекле дека сакаат нивните деца да слушаат онлајн настава. Учениците од четврто до девето одделение, пак, ќе учат онлајн.
Стојановски уверува дека обезбедиле просторни услови, а за време на летниот распуст наставници се обучувале за користење на платформата „Мајкрософт тимс“. Покрај ова, нагласи тој, се обидуваат да обезбедат уреди и за оние кои немаат услови за следење настава од далечина.
Неговата колешка, Соња Јовановска, в.д. директорка на основното училиште „Лазо Трпковски“ од Карпош, каде има 470 ученици, наставата ќе се одвива претежно со физичко присуство. Такво било барањето на најголем дел од родителите. За оние кои ќе побараат онлајн настава, нејзе ќе ја водат наставници кои се потковани за држење час од далечина,кои биле на обука и знаат да располагаат со опремата од училиштето.
Во основното училиште „Аврам Писевски“ во село Бардовци има 250 ученици, речиси 90 отсто од родителите побарале настава со физичко присуство, рече директорката Матилда Бајкова.
Таа уверува дека имаат просторни услови, а минатата година ги реновирале тоалитетите, така што смета дека се подготвени од хигиенски аспект. Покрај ова, тие ќе го искористат својот двор за почетните часови да се одржат на отворено, додека временските услови го дозволуваа тоа.
Министерката Царовкса, истакна дека за време на денешните состаноци забележале бројни исклучоци, на кои најави дека периодов поединечно ќе работат.