Неколку десетици илјади луѓе протестираа на улиците на Минск вчера одбележувајќи го почетокот на петтата недела антивладини демонстрации на кои се бара оставка од белорускиот претседател Александар Лукашенко поради наводна манипулација со изборните резултати.
Слоганот на овој марш беше „Еден за сите, сите за еден“, преку кој организаторите сакаа да покажат дека граѓаните се обединети во нивните желби за промена.
Како и во претходните демонстрации, пристапот до палатата на претседателот им беше блокиран со силно присуство на полицијата и војската. На улиците низ Минск беа распоредени тенкови, водени топови и оклопни возила, пренесува Еуроњуз.
„Морето луѓе не може да биде сопрено од воена опрема, водени топови, пропаганда и апсења. Мнозинството Белоруси сакаат мирна промена на власта и нема да се замориме од ова барање“, изјавила Марија Колешникова, лидер на Советот за координација кој беше воспоставен од опозицијата со цел да се овозможи дијалог со 66-годишниот Лукашенко околу транзиција на власта.
На собирот можеа да се видат многубројни бело-црвени знамиња, кои се симбол на протестите како обележје од времето пред Белорусија да стане Советска република. Дел од политичките коментатори на социјалните мрежи посочија дека овој протест бил најголем во историјата на Белорусија.
Најмалку 37 демонстранти биле уапсени синоќа според информации на невладината организација Вјасна.
Покрај во Минск протести се одржале и во Гомел, вториот најголем град во земјата, како и во Брест и другите поголеми градови од регионите.
Главниот противкандидат на Лукашенко, Светлана Тихановскаја, која по изборите пребегна во Литванија, побара од меѓународната заедница да воведе санкции за поединците кои направиле „изборен фалсификат и кривични дела против човештвото“.
„Нацијата не смее да биде заложник на еден човек кој е жеден за моќ. И нема. Белорусите се разбудија. Премината е точката од која нема враќање“, изјавила Тихановскаја.