Суспендирани тестирањата на оксфордската вакцина против Ковид-19 поради безбедносни причини

Британскиот фармацевтски гигант „Астра Зенека“ соопшти дека ги ставиле во мирување клиничките тестирања за вакцината против Ковид-19, откако кај учесник во тестирањата се појавила необјаснета болест.

Овој тип вакцина, кој се развиваше заедно со Универзитетот во Оксфорд, во светски рамки се сметаше за еден од главните кандидати за глобална вакцина против коронавирусот, но понатамошното истражување е стопирано поради болест кај еден учесник во студијата.

„Ова е рутинска постапка која мора да се преземе кога ќе се појави необјаснета болест на некое од нашите клинички испитувања за да се истражи случајот и да се задржи интегритетот на тестирањата“, изјавила портпаролката на „Астра Зенека“, Мишел Мексел.

Податоците од истражувањето сега ќе бидат анализирани од независен комитет, кој треба да утврди што точно се случило при тестирањето.

Од „Астра Зенека“ велат дека во вакви големи истражувања, некогаш и случајно се случуваат болести кај пациентите, но дека понатаму, податоците од нивните тестирања ќе бидат разгледани и анализирани од независни тела кои ќе треба да утврдат што точно се случило.

„Работиме на итна контрола на овој изолиран случај, за да го минимизираме потенцијалното влијание на времетраењето на тестирањата“, додала Мексел.

Оваа вакцина е веќе во подоцнежна фаза на клинички тестирања врз луѓе во Велика Британија, каде се разболел учесникот во студијата, како и во САД, Бразил и Јужна Африка.

Џули Фишер, професорка на одделот за микробилогија и имунологија на Џорџтаун Универзитетот, за Ал Џазира изјавила дека ваквите паузи се дел од процесот на развој на нов лек и клиничките тестирања.

„За да се суспендира истражувањето, случајот треба да биде сериозен. Нешто поврзано со срцето, белите дробови, бубрезите, или други делови од кардиоваскуларниот систем кој бара итна медицинска помош и кој е доволно сериозен да предизвика пауза во ова многу мажно истражување на вакцина со цел истражувачите да бидат сигурни таа да биде безбедна и дека здравствените проблеми не се предизвикани директно од вакцината“, вели Фишер.

Истовремено, девет водечки компании кои работат на вакцина против Ковид-19, вчера се заложија дека ќе ги почитуваат сите научни стандарди во глобалната трка за спречување на коронавирусот. Меѓу компаниите се „Астра Зенека“, „Фицер“, „Глаксо Смит Клајн“ и други.

 

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.