Забрана за собирање во групи поголеми од шест лица во Англија

Британската Влада најави дека од 14 септември во Англија ќе биде нелегално собирање на групи поголеми од шест лица, како дел од пакетот мерки со кои сакаат да го намалат можниот нов бран на коронавирусот со почетокот на есента.

Новиот закон ќе забрани собирање на поголеми групи и во затворен и на отворен простор, но тој сепак нема да се применува во училиштата, работните места или пак „Ковид-безбедни“ венчавки, погреби и организирани спортски натпревари, пренесе Би-Би-Си.

За непочитување на законот пропишана е казна од 100 фунти, која ќе се удвојува на секое повторување на прекршокот до максимални 3.200 фунти.

Новите мерки претставуваат промена во досегашните протоколи за спречување на ширење на коронавирусот. Досега полицијата не можеше да спречи собири доколку тие не ја надминуваа бројката од 30 лица во група.

„Фидбекот кој го добивавме, најмногу од полицијата, беше дека ни се потребни многу прости правила кои сите ќе ги знаат. Овие правила сега строго ќе бидат применети од полицијата. Ова сега е едноставно. Собирањата се во ред, секако со социјална дистанца, но групирањата најмногу до шест лица“, рекол Министерот за здравство, Мат Ханок.

Новите мерки ќе важат за луѓе од сите возрасни категории и ќе се применуваат во кафулињата, рестораните и јавните простори.

 

 

 

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.