Со блокада на главната улица во Ѓорче Петров утре (12 септември) жителите од оваа скопска општина ќе протестираат поради најавената изградба на згради во месноста Јурија.
Граѓаните бараат ревизија на деталниот урбанистички план за оваа локација, односно намалување на висината и габаритот на планираните згради.
Тие, како што велат, се определиле на протест револтирани од игнорантскиот однос на одговорните во општината кои две недели не одговараат на нивните барања.
„Утре во 12 часот ќе се одржи мирен протест против изградбата на бетонски од 58 метри на месноста Јурија, кој ќе содржи 800 станови и над 3.000 нови жители. Улицата „Ѓорчепетровска“ ќе биде блокирана за сообраќај со цел подигање на свеста кај локалната самоуправа, за измена на овој самоубиствен план кој ќе биде канцер за Ѓорче Петров. Се обидовме на сите можни начини да допреме до надлежните, ама за жал не наидовме на слух и овој начин ни остана последен. Ние, граѓаните од Иницијативата против урбаното дивеење ги повикуваме сите граѓани, невладини и владини организации и сите оние кои ги тангира овој проблем да ни се приклучат“, стои во најавата за протестот.
Од Иницијативата обвинуваат и дека ДУП-от за оваа локација е донесен во сомнителна постапка без да бидат запазени и основните процедури како јавно изложување и јавна анкета.