Граѓански буџетски форум „Моја заедница. Моја визија“ на 16 септември во Градски парк

На 16 септември (среда) од 11 часот, во Градскиот парк, во срцето на градот и на само неколку метри од градската власт, скопјани ќе имаат можност да ги преточат сопствените идеи за градот во предлози за приоритетно финансирање.

Граѓанскиот буџетски форум на Град Скопје за 2021 година насловен „Моја заедница. Моја визија.“ е организиран од Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. во соработка со активистката за заштита на животни и животна средина и членка на Советот на Град Скопје – Драгана Велковска, модериран од професорот по економија, Бранимир Јовановиќ.

Од Е.Д.Е.Н. велат дека Граѓанскиот буџетски форум претставува механизам за непосредна демократија, преку кој жители на Скопје и активисти со познавања на локалните прашања ќе бидат директно консултирани за тоа како е неопходно да се развива нашиот главен град во следната година.

„Потоа, Драгана Велковска преку својата позиција во Советот на Град Скопје, ќе ги достави овие предлози во градскиот дом во процесот на усвојување на буџетот, како гласник на обичниот човек и медиум на граѓанската волја. Покрај краткорочната цел – решенија за актуелните проблеми на урбаното секојдневие – на долг рок целта на иницијативата е таа да прерасне во општа практика на автентична директна демократија, како форма на ефективно вклучување на граѓаните во креирањето на локалните политики кои се реализираат преку буџетот на Град Скопје“, соопштуваат од Е.Д.Е.Н.

На форумот свои предлози ќе образложат На точак, Горјан Јовановски (Мој воздух), Една може, Полио плус, Биди зелен, Мама органа, Анима мунди, Меѓаши, Ромалитико, Е.Д.Е.Н., а како гости и учесници во дискусијата ќе се појават долгогодишни активисти и општествено ангажирани граѓани.

„Доколку сакате да присуствувате, ве молиме задолжително да се пријавите на eden.org.mk@gmail.com најдоцна до крај на работното време на 14 септември (понеделник) имајќи предвид дека бројот на учесници е строго ограничен на 25 места поради препораките за справување со пандемијата. Прифаќањето на пријавите ќе се одвива по принципот прв дојден-прв услужен“, соопштуваат од Е.Д.Е.Н.

Форумот се одржува во рамки на истоимениот проект кој Здружението за заштита на животни и животна средина Е.Д.Е.Н. го спроведува со финансиска поддршка од Фондацијата Хајнрих Бел.

Повеќе околу форумот и правилата на дискутирање ТУКА.