Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека на светско ниво се регистрирани рекорден број на дневни нови случаи на заболени со коронавирусот, откако најмалку 307.930 лица заболеле претходниве 24 часа.
Најголем број од растот на новите случаи се забележани во три земји: 94.372 во Индија, 45.523 во САД и 43.718 во Бразил.
Истовремено, претходното деноноќие се забележани преку 5.500 нови смртни случаи, со што вкупната бројка на починати од Ковид-19 на глобално ниво стигна до бројката од 917.417 лица.
Овие информации доаѓаат откако претставници на СЗО предупредија дека во Европа најверојатно ќе има раст во бројот на смртни случаи од вирусот во октомври и ноември.
„Ќе станува потешко… во октомври и ноември, ќе се соочуваме со поголема смртност“, изјавил директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуг, за АФП.
Бројката на новозаболени е во покачување во европските држави последниве недели, со најголеми зголемувања кои се регистрираат во Шпанија и Франција.
Претходниот рекорд на нови случаи со Ковид-19 во еден ден беа регистрирани на 6-ти септември, кога имало 306.857 новозаболени од вирусот.
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.