Филмовите „Татко“ и „Серенити“ денеска на CINEDAYS

Денеска на програмата на CINEDAYS во рамки на гала програмата ќе се прикажат филмовите „Татко“, „Серенити“, „Се прашувам кога ќе ти недостасувам“, додека од официјалната селекција публиката ќе може да го види „Национална улица“. Во категоријата „Cinedays retro“, ќе може да се проследат филмовите „Тилва Рош“ и „Смртта на човек од Балканот“.

ГРАДСКИ ПАРК

20:30 | NATIONAL STREET
*Официјална селекција
режија: Stepan Altrichter

Ова некогаш било длабока мрачна шума, а сега е станбен имот од монтажни станбени апартмани. Тие се дом на главниот лик, физички работник, кој бојадисува кровови, кого сите го викаат Вандам. Живее сам во стан во периферијата на Прага и секојдневно вежба за да одржува форма. Вечерите ги поминува во пиење пиво со другарите во локалниот паб „Северница“. Другарите од пабот го сметаат Вандам за нивни „национален херој“. Според една локална легенда, Вандам бил дел од протестите на „Националната улица“ во Прага на 17 ноември 1989, каде што, според легендата, создал историја така што го задал првиот удар.

National street

22:30 | FATHER
*Гала премиера
режија: Srdan Golubovic

Откако сопругата на Никола има обид за самоубиство, на надничарот му ги одземаат двете деца и ги сместуваат во згрижувачко семејство. Наводно, само на привремено. Меѓутоа, по деталната инспекција на домот на Никола, директорот на социјалната служба во нивното мало село решава дека Никола е премногу сиромашен за да обезбеди соодветни животни услови за неговите деца. Резервираниот Никола решава да поднесе жалба до Министерството за социјални работи во Белград. Решен е тристате километри до главниот град да ги помине пеш. Со тоа има намера да им докаже на властите до каде е подготвен да оди за своите деца – буквално.

 МКЦ ПАРК

21:00 | SERENITY
*Гала премиера
режија: Steven Knight

Бејкер Дил е капетан на рибарски брод и води тури на мирната, тропска енклава, островот Плимут. Меѓутоа, спокојниот живот му се нарушува кога се појавува неговата поранешна сопруга Карен, очајна за помош. Таа го моли Дил да ги спаси неа и нивниот млад син од нејзиниот нов, насилен сопруг, така што ќе го одведе на рибарска тура среде море и ќе го фрли на ајкулите. Појавата на Карен го враќа Дил во еден живот, кој се трудел да го заборави, и додека се мачи помеѓу исправното и погрешното, светот му запаѓа во една нова реалност, која можеби не е таква каква што се чини.

„Serenity“

23:00 | WONDER WHEN YOU’LL MISS ME
*Гала премиера
режија: Francesco Fei

Аманда има седумнаесет години и тешко минато. За да се соочи со светот, има создадено замислена, весела и политички некоректна другарка, која ја води низ најголемите предизвици: растењето и преземањето контрола врз својот живот. Нејзината приказна е за храброст и решителност, авантуристичка и романтична, но истовремено и жестока и духовита. Филмот е заснован на „Се прашувам кога ќе ви недостасувам“, вториот роман на Аманда Дејвис, американска писателка, која прерано го губи животот. Патувачки филм за физички и психички граници, бегајќи од минатото и барајќи можна иднина.

ПАРК ИБНИ ПАЈКО

20:00 | 18% Gray
*МК во ЕУ
режија: Viktor Chouchkov

Младиот Крсто живее во село крај прекрасното Преспанско езеро, водна површина поделена на границите на три балкански држави, Албанија, Македонија и Грција. За да му помогне на семејството, Крсто станува ситен препродавач на марихуана, користејќи ги својот чамец и познавањето на водите на езерото за да пренесува пакетчиња дрога од албанската на македонската страна.

22:00 | OASIS
*ЅЕЕ програма
режија: Ivan Ikic

По пристигнувањето во институција за луѓе со попреченост, Марија брзо се спријателува со еднакво жестоката Драгана. Кога станува јасно дека обете се вљубени во повлечениот Роберт, односот им е нарушен и постепено прераснува во опасна игра на криенка во обид да го придобијат. Бидејќи се осудени на живот подалеку од очите на општеството, кај тројцата тинејџери се јавува силен копнеж за независност и поврзаност со други луѓе. Водени од новооткриените чувства на желба и завист, нивните импулсивни постапки ја рушат деликатната атмосфера одржувана со помош на крутите правила на институцијата и кулминираат во конфронтација и очајни обиди за каков било излез.

 КИНО МАЏАРИ (POP UP кино)

20:00 | TILVA ROSH
*CINEDAYS retro
режија: Nikola Lezaic

Бор, Србија, некогаш најголемиот рудник за бакар, сега само најголема дупка во Европа. Се случуваат мали работнички протести, Тода и Стефан се најдобри другари, скејтери, кои го поминуваат првото лето по завршување на средното училиште. Стефан наесен ќе оди на факултет во Белград. Тода вели дека не би се запишал на факултет дури и да има пари. Времето го помунуваат во снимање на видеа во стилот на „Џекес“ и дружење со Дуња, која се враќа од одмор во Франција, и полека започнуваат тивка борба за нејзиното внимание. Во тој необичен однос на пријателство во изумирање и ривалство, постојано се обидуваат да се надминат. Но, кога малиот работнички протест прераснува во огромен бунт, нивната деструктивност ќе ги врзе повторно.

Tilva Rosh

22:00 | DEATH OF THE MAN IN THE BALKANS
*CINEDAYS retro
режија: Miroslav Momcilovic

Почетокот е – смртта на еден композитор. Црна комедија, која го истражува балканскиот менталитет. Камерна драма со многу хумор, одлични дијалози, необична снимателска работа. Осумдесет минути камерата е во еден агол на станот, а сé пред неа се случува со необична динамика и темпо. Во филмот се препознаваат сите лоши аспекти на Балканот, од ситните интереси, суеверието, страв од власта, лицемерието. Филм преполн со маниризам и сатира.