Македонскиот огранок на Fridays for future (Петоци за иднината) заедно со Сојузот на средношколци и Универзитетското студентско собрание (УСС) при УКИМ се приклучуваат на Глобалниот ден на климатска акција.
Во петок (25 септември) од 16 часот организираат т.н. sit-in протест пред Владата, со цел, како што велат, да се изврши притисок врз политичките елити конечно да почнат да се спроведуваат политики за справување со климатската криза, почнувајќи од воведување на климатската проблематика во формалното образование.
„Последиците на владината индолентност на тема климатска криза веќе ги гледаме преку исушувањето на езерата во земјава. Додека ни се заканува апокалиптично сценарио, младите генерации остануваат целосно неинформирани за оваа закана. Ова мораме да го промениме“, стои во најавата за протестот.
Бленди Ходаи, претседател на Сојузот на средношколци за Радио МОФ вели дека за образованието на 21-от век е важно да се дискутира за работите што се случуваат во нашиот регион, но и во светот.
„Луѓето не зборуваат и не веруваат во климатските промени. Така што, сакаме да ги актуелизираме климатските промени, и тие да бидат дел од курикулумите на образованието. Да ги едуцираме учениците, идните генерации, за тоа какви лоши влијанија ќе имаат климатските промени во наредните години“, вели Ходаи.
Иницијаторите велат дека а протестот ќе бидат обележани местата на кои ќе се седи, со цел одржување на безбедна дистанца поради пандемијата на Ковид-19.
Б.Ш.