Додека студентите ги чекаат резултатите од Конкурсот за прием на студенти во студентски домови, од Државниот студентски центар во Скопје ги повикаа оние што се одбиени да се пријават на интернет платформата www.digitalizirajse.mon.gov.mk, за аплицираат за исплата на субвенции за приватно сместување, или превоз до факултетите.
На вчерашната владина седница, на предлог на Министерството за образование и наука, Владата најави дека до Собранието ќе достави Предлог – закон за дополнување на Законот за студентскиот стандард и Предлог – закон за дополнување на Законот за ученичкиот стандард.
Со измените, се уредува дека во услови на вонредни околности (утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди), на студентите и на учениците кои конкурирале на конкурсот за сместување во студентските и ученичките домови, и на кои им се одобрени барањата за сместување, но заради намалениот број на сместувачки легла не може да се сместат во студентски дом, да им се исплаќа месечна сума на средства за покривање на трошоците за приватно сместување, односно месечна сума на средства за покривање на трошоците за превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите.
Резултатите од Конкурсот за сместување во ученички домови за учебната 2020/2021 година беа објавени на 18 август. За студентските домови пак сè уште нема информации, иако во првичното известување стоеше дека рокот за пријавување е пролонгиран, а конечните списоци со примени кандидати ќе бидат објавени на 7 септември, на огласните табли во студентските домови и на веб страницата на МОН.
Од ДСД информираат дека поради намалениот капацитет на користење на сместувачки легла во студентските домови, приватно сместување или превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите ќе користат 884 студенти и 347 ученици.
„Државниот студенти апелира до сите студенти да се придржуваат до протоколите бидејќи тоа е единствениот начин на зачувување на сопственото и здравјето на најблиските. Во изминатиот период кога студентските домови беа празни, ДСД ги дезинфицираше сите три студентски домови кои се под надлежност на институцијата и изврши реновирања со цел подобри и побезбедни услови за престој на студентите“, соопштија од ДСД.
Владата вчера официјално ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести за отворањето на студентските и средношколските ученички домови, иако дополнително ќе се утврди кога.
Оттаму најавија дека ќе се отворат со строго почитување на Протоколите за сместување донесени од Комисијата за заразни болести. Па така, од Државниот студентски центар ги известија студентите и средношколците дека во една двокреветна соба може да биде сместено само едно лице, а во соба со над два кревета може да бидат сместени максимум две лица.
Кога ќе се отворат студентските домови?
Кога ќе се отворат студентските домови е прашање кое во моментов си го поставуваат илјадици македонски студенти. На само една недела од почетокот на новата академска година, нема ниту резултати од конкурсот за упис, ниту пак официјална информација, како ќе функционираат домовите во услови на пандемија.
На оваа тема, во дискусијата на Радио МОФ гостуваат студентите Иванчо Тодоровски и Симона Наумовска, како и Соња Карапец , директорката на студентскиот дом во Битола и Дарио Николовски, претседател на Здружението на директори на училишните и студентските домови во Република Македонија.
*Дискусијата е дел од проектот „Ангажирани студенти за студентски домови без корупција во Северна Македонија“ кој е овозможен со финансиска поддршка на Програмата за поддршка на високото образование на Фондациите Отворено општество, преку Фондацијата Отворено општество- Македонија.Posted by Радио МОФ on Tuesday, September 22, 2020